Динамиката на изградбата, ако се спореди со периодот пред една или две години е десеткратно подобрена, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како тече изградбата на ветените патишта низ државата.
– Сведоци бевте на почетокот на годината дека се пуштија во употреба неколку експресни делници, меѓу кои и делницата Чатал-Длабочица-Крива Паланка, односно Страцин-Крива Паланка. Исто така делницата од Градско до Дреново практично сега треба да биде комплетирана. Со несмалена динамика се реализираат и коридорите 8 и Коридорот 10Д, тоа што беше заглавено сега се одглавувае. Очекувам дека до крајот на следниот месец експропријацијата, имотно-правните односи ќе бидат разрешени, со што се отвара фронт за градежните компании. Истовремено се бара решение за делницата Требениште-Ќафасан, бидејќи знаете дел од таа делница е во периметар заштитен со УНЕСКО, се разговара со компанијата изведувач – рече Мицкоски.
Со несмалена динамика се работи на делницата од Кичево до Охрид, каде наскоро ќе биде пуштен делот од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, додаде тој.
– Првата секција од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце е пуштена, се работи на делот од Бељаковце до Крива Паланка. Се разговара со источниот сосед, со Бугарија на високо ниво околу третата секција и делот којшто припаѓа во Бугарија. Бидејќи кажав и вчера, ќе повторам, Коридорот 8 подразбира поврзување на Драч и Бургас. Коридорот 8 не подразбира поврзување на Куманово и Крива Паланка. Затоа сакаме да знаеме јасно какви се плановите на нашите соседи. Ние нашето си го завршуваме, граѓаните ги плаќаат кредитите што ние ги земаме како држава и градиме. Сакаме да видиме што ќе се случува во Бугарија и во Албанија, тоа е практично Коридорот 8. Така што ценам дека динамиката е исклучително добра и очекувам во периодот којшто следи уште многу убави вести за македонските граѓани – рече Мицкоски.