Советот на јавни обвинители објави оглас за избор на вкупно 47 јавно обвинителски места низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата земја.
На огласите се очекува да се пријават кандидатите од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, на кои вчера им беа доделени уверенија за успешно помината почетна обука.
Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, појасни дека се објавува оглас за избор на 14 јавни обвинители во ОЈО Скопје, четири во ОЈО Тетово, по три во ОЈО Куманово, Охрид, Прилеп и Штип, по две во ОЈО Гевгелија, Битола, Гостивар, Кичево и Струмица и по едно во ОЈО во Крива Паланка, Велес, Ресен, Струга, Радовиш, Делчево и во Кочани.
– Алармантна е состојбата, моментално недостигаат околу 100 јавни обвинители, така што оваа бројка од 47, секако ако се јават, би ја ублажила состојбата во одредена мера – изјави Димитриеска.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, претходно во изјава за медиуми, посочи дека најмалку во наредните три години нема да биде избран ниту еден нов јавен обвинител, со оглед дека деветтата генерација ќе треба да помине обука од 20 месеци.
Советот на денешната седница објави оглас за избор и на двајца јавни обвинители во ОЈО ГОКК.
За пополнување на основните јавни обвинителства единствениот законски услов е само со завршена Академија за судии и јавни обвинители.
– Самиот недостиг на јавни обвинители влијае не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки, а со тоа секако придонесува да има незадоволство од страна на одредени странки и во ефикасноста на постапувањето која се должи на објективни причини – изјави Димитриевска, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на денешната седница.
Моментално недостигаат 97 јавни обвинители, а пополнети се нешто помалку од две третини или само 164 од вкупно 261 предвидените по систематизација јавно обвинителски места на ниво на државата.