Училишта во Загреб утрово добија дојави за поставени експлозивни направи, информираа Градот Загреб и полицијата, наведувајќи дека децата се безбедни и дека се надвор од училиштата и се проверуваат од експерти за деактивирање бомби.
„Во контакт сме со полицијата, чии деминери веќе вршат увид во училиштата. Сите ученици се целосно безбедни надвор од училиштата, а сите надлежни служби преземаат максимални мерки за што поскоро нормализирање на состојбата“, соопштуваат од Градот.
Тие наведуваат дека во текот на денот ќе ја информираат јавноста за сите расположливи детали.
„Најостро го осудуваме овој неодговорен и опасен чин и изразуваме надеж дека сторителот(ите) брзо ќе бидат идентификувани и најстрого казнети“, соопштија од Градот.
Загрепската полиција извести дека во текот на ноќта образовните институции во градот Загреб добиле порака на електронските адреси за поставени експлозивни направи.
Полициски службеници се испратени на локациите и во моментов ја проверуваат веродостојноста на наводите во добиениот мејл, велат од полицијата, јавија загрепските медиуми.
Освен во Загреб, дојави за бомби во училишта во уште два града во Хрватска.
Училишта во Пожега и Чаковец денеска добија дојави за можна поставеност на експлозивни направи, јавија хрватските медиуми. „На локациите се испратени полициски службеници за преземање дополнителни мерки“, велат од Пожешката полиција. Полицијата ги повикува граѓаните да останат смирени и трпеливи додека трае истрагата. Повеќе детали ќе бидат познати по завршувањето на полициските проверки.
Претходно утринава беше објавено дека училишта во Загреб добиле дојави за поставени експлозивни направи.