Украина го приведе главниот психијатар на својата армија под обвинение за „незаконско богатење“. Наводно незаконски се стекнал со околу милион евра. Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека мажот одлучувал дали поединците се способни за воена служба, пренесува Индекс.
Во соопштението не се наведува неговото име, но маж по име Олех Друз претходно бил идентификуван како главен психијатар на украинските вооружени сили. Друз поседувал три стана во Киев и во околината, еден во Одеса, две парцели и неколку луксузни автомобили БМВ.
При претресот на имотот, истражителите пронашле 152.000 долари и 34.000 евра во кеш. Во соопштението се нагласува дека мажот не го пријавил имотот, туку бил заведен на име на неговата сопруга, ќерка, синови и други лица.
На психијатарот му се закануваат десет години затвор. Тој веќе беше суспендиран во 2017 година затоа што не ги пријавил своите две теренски возила и неколку имоти.
Украина долго време се бори со системска корупција. Во мај, украински пратеник беше обвинет за проневера на 260.000 евра, додека во 2023 година, повеќе од 30 воени офицери обвинети за примање мито и шверцување луѓе надвор од земјата беа отпуштени во антикорупциска чистка.
Минатата година, украинскиот парламент гласаше за укинување на воено медицинските комисии, откако неколку функционери беа обвинети за примање мито во замена за ослободување од воена служба.