САД ѝ рекле на Русија дека дале одобрение за назначување на новиот руски амбасадор во Вашингтон, изјави висок руски пратеник во понеделникот за државната телевизија, објави Ројтерс.
– Новиот амбасадор може формално да биде назначен во следните недели – изјави шефот на Комитетот за меѓународни прашања во Советот на Федерацијата, Григориј Карасин.
Од друга страна, пак, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, тврди дека руската страна сѐ уште не добила согласност за именување на нов руски амбасадор во САД, објави руски Тасс.
На крајот на ноември во медиумите се појави информација дека најверојатен кандидат за функцијата руски амбасадор во Америка би можел да биде Александар Дарчиев, шеф на северноамериканскиот оддел на руското Министерство за надворешни работи. Засега нема официјална потврда за оваа информација.
Од руското Министерство за надворешни работи изјавија за Тасс дека одамна одлучиле за кандидат за нов амбасадор во САД, без да дадат име.
Назначувањето на рускиот амбасадор во Америка во блиска иднина го најави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Поранешниот руски амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, се врати во Москва откако беше разрешен од функцијата врз основа на указ, издаден од рускиот претседател Владимир Путин.