Со изведување на преостанатите докази на Јавното обвинителство, денеска во Кривичниот суд во Скопје се очекува да продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за кои се обвинети Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Ванчо Кешишев како директни извршители, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.
На почетокот на денешното рочиште ќе биде соопштена одлуката на претседателот на Судот, Иван Џолев, во врска со барањето на првообвинетиот Палевски за изземање на судијата Ивица Стефановски. Од Кривичниот суд велат дека пред да дознае јавноста, за одлуката на претседателот Џолев треба да бидат известени сите странки во постапката. Ако биде донесена одлука за изземање на судијата, судењето ќе почне од почеток.
На денешното рочиште треба да се доврши изведувањето на материјалните докази на Обвинителството, а потоа ќе се врши анализа на изнесените докази. Потоа ќе следуваат аргументите на одбраната.
Неизвесно е дали на денешното рочиште ќе се појави сведокот Гоце Трајковски, кој е во бегство по извршено кривично дело. Судијата Стефановски најави дека судот ќе се обиде да го обезбеди присуството на Трајковски.
Трајковски беше најавуван како клучен сведок кој појасно може да ја објасни улогата на таткото Александар, затоа што заедно ја воделе нивната приватна истрага по исчезнувањето на Вања. Трајковски на семејството Ѓорчевски им обезбедувал снимки од околните камери, а според сведочењето на останатите сведоци блиски до таткото и мајката на девојчето, помогнал семејството да ги поврзе исчеzнувањата на Панче и на Вања. Дента кога беше најавено неговото сведочење, мајка му Кираца Трајковска, која исто така беше сведок, рече дека син ѝ не можел да дојде затоа што имал паничен напад. Во тоа време тој веќе го имал изврено кривичното дело поради кое е во бегство – полеал со бензин и запалил угостителски објект.
Обвинетиот Палевски на последното рочиште на 20 декември побара да се изземе претседателот на судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој е необјективен, пристрасен, не му дозволува правична одбрана и не го бара оружјето со кое се извршени убиствата. Палевски рече дека побарал податоци од СВР Велес во врска со тоа дали кај другите обвинети се бара оружјето со кое се убиени Ѓорчевска и Жежовски, а оттаму му одговориле дека тие информации ќе ги добие преку судијата.
Рече и дека судијата не му дозволил да се обрати во судницата во врска со писмото на обвинетиот Кешишев, а на Кешишев му го дозволил тоа. На едно од минатите рочишта обвинетиот Кешишев упати писмо во кое наведе дека првообвинетиот Палевски нема никаква врска со убиствата, а на следното рочиште побара збор, го доби, и рече дека не го напишал своеволно писмото, туку Палевски го натерал.
На последното рочиште Обвинителството ги изнесуваше доказите на начин што читаше на што се однесуваат и даваше краток коментар на оние докази што се од важност за процесот. Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска изнесе извештаи, записници за одземени предмети, вештачења на траги и на телефонски разговори, докази за имотната состојба на обвинетите и на жртвите, форензички вештачења, извештаи од идентификација на телата на убиените, записници од увидите на полицијата, анализа на траги од ДНК итн, вештачења на запалениот цитроен на убиениот Жежовски и на возилото рено кангу кое го возеле обвинетите.
Малолетната Вања била врзана и клечела на колега кога била убиена. На нејзината уста имало залепена сива лента на која се пронајдени биолошки траги од обвинетиот Манев.
14-годишното девојче било живо кога било пукано во неа, а обдукцијата не покажала знаци на претходно задушување. Во неа е пукано било од непосредна близина, од растојание од половина метар, од задната страна. Според Обвинителството, таа се движела по кал пред да биде убиена, а ликвидацијата се случила додека клечела. Под нејзините нокти била пронајдена кал, а врвовите на патиките оставиле стисок во истата кал.
Обдукцијата утврдила дека и Вања и Панче Жежовски претрпеле тешко физичко страдање пред да бидат убиени.
Но, според доказите на обвинителката, земјата што е пронајдена на гумите на возилото рено кангу не е истата со земјата каде што е пронајдено телото на убиената Ѓорчевска. И земјата што е пронајдена на лопатата што е дел од доказите, не е истата со земјата земена од месноста Дупки во реонот на селото Бразда каде што на 27.11.2023 година е убиено 14-годишното девојче.
Минатиот месец Јавното обвинителство изнесе став дека може да го докаже користољубието како мотив за грабнувањето на 14-годишната Ѓорчевска и на 74-годишниот Жежовски. Обвинителите имаат став дека имаат доволно материјални докази да го докажат обвинението против Палевски, Манев, Видевски, Кешишев и Ѓорчевски.
Според обвинението, четворицата обвинети на 22 ноември 2023 година го грабнале и го убиле Жежовски во Велес, за да му го одземат возилото цитроен, со кој, на 27 ноември 2023 година ја грабнале Вања. Мотивот за грабнувањето на детето бил да изнудат пари од близок член на семејството, но набрзо по грабнувањето ја убиле и ја закопале во дупка во местото Бразда на Скопска Црна Гора.