Посредникот Катар во понеделникот на Израел и на Хамас им го претставил конечниот нацрт на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа откако на полноќ бил постигнат напредок во разговорите, во присуство на претставник на новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, изјавил за Ројтерс официјален претставник запознаен со текот на преговорите.
Официјалниот претставник рекол дека текстот на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците бил дефиниран со разговорите во катарска Доха, во кои се вклучени шефовите на израелските разузнавачки служби Мосад и Шин Бет, катарскиот премиер, шефот на египетската тајна служба и Стив Виткоф кој ќе биде американски претставник за Блискиот Исток кога Трамп ќе ја преземе функцијата. Се верува дека учествувале и претставници на американската администрација во заминување.
– Следните 24 часа ќе бидат клучни за постигнување договор – рекол официјалниот претставник, истакнувајќи дека преговорите се воделе до раните утрински часови во понеделникот.
Хамас потврдува дека е постигнат напредок кон договор за прекин на огнот и за враќање на заложниците и на палестинските затвореници, објави Тајмс оф Израел.
– Го обновуваме нашиот завет со нашиот непоколеблив и трпелив народ и со нашите херојски затвореници во затворите и потврдуваме дека нивната слобода е близу – велат од групата.
Израелското радио „Кан“, повикувајќи се на израелски официјален претставник, во понеделникот објави дека делегациите на Израел и на Хамас во Катар добиле нацрт-договор и дека израелската делегација за тоа ги информирала израелските челници.
Официјални лица од двете страни оценија дека е постигнат напредок во разговорите, но не потврдија дека е договорен конечниот нацрт на договорот за прекин на огнот, пишува агенцијата.
Висок израелски функционер рекол дека договорот може да биде потпишан во рок од неколку дена, доколку Хамас одговори на предлозите. Палестински функционер, близок до разговорите, рекол дека информациите од Доха се „многу ветувачки“.
– Разликите се намалуваат и има голема динамика кон договор ако на крајот сè биде добро – рекол тој.
САД, Катар и Египет посредуваат во преговорите за ставање крај на војната во Појасот Газа повеќе од една година.
Двете страни со месеци преговараа за принципот на прекин на борбите во замена за ослободување на заложниците кои ги држат Хамас и нему придружените милитантни рупации, и ослободување на палестинските затвореници во Израел.
Хамас, сепак, инсистира дека договорот мора да доведе до траен крај на војната и до израелско повлекување од Појасот Газа, додека, пак, Израел, од друга страна, тврди дека нема да стави крај на војната додека Хамас не биде расфомиран.
Инаугурацијата на Трамп на 20 јануари се смета за дефакто краен рок за договор. Трамп му порача на Хамас дека ќе „плати пеколна цена“ ако не ги ослободи заложниците пред тој да ја преземе функцијата, а претседателот во заминување, Џо Бајден, исто така, врши голем притисок за постигнување договор пред да ја напушти функцијата.
Израел го нападна Појасот Газа откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци. Оттогаш, според палестинските здравствени власти, повеќе од 46.000 луѓе загинале во Појасот Газа, а најголемиот дел од енклавата е уништен.
Крвопролевањето продолжува. Во понеделникот, во израелските воени напади во Појасот Газа загинаа најмалку 15 лица, според болнички извори, вклучително и 5 во напад на училиште во градот Газа каде што бегалците се засолниле. Во последниве месеци, борбите беа особено интензивни во северниот дел на Појасот Газа, каде што Израел тврди дека се обидува да го спречи Хамас да се прегрупира, а Палестинците го обвинуваат Израел за трајно иселување од тампон зоната.
Портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Убаида, изјави дека нивните борци ги нападнале израелските сили во изминатите 72 часа, при што убиле најмалку 10 војници, а раниле уште десетици. Израел во саботата потврди дека четворица војници биле убиени.