Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда со која утврди дека Бугарија го прекршила правото на европратеничката Елена Јончева на правично судење и презумпцијата на невиност. Поради ова, државата е обврзана да ѝ исплати отштета од 8.000 евра.
Пресудата се однесува на случај од 2019 година, кога бугарското Јавно обвинителство покрена кривична постапка против Јончева под сомнеж за перење пари преку „Корпоративната комерцијална банка“. Според Судот во Стразбур, Обвинителството го прекршило принципот на презумпција на невиност со тоа што во јавноста обелоденило детали за случајот на начин кој сугерирал нејзина вина.
„Обвинителството не постапило дискретно и воздржано, како што тоа се бара според принципот на презумпција на невиност“, се наведува во пресудата на Судот.
По отворањето на истрагата, Обвинителството побара од Европскиот парламент да го укине имунитетот на Јончева како европратеничка. Меѓутоа, Европарламентот го одби барањето, оценувајќи дека постапката против неа е обид „да се попречат нејзините политички активности, а не да се спроведе правда“.
Истрагата беше иницирана откако Јончева, која во тоа време ја критикуваше Владата на премиерот Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, обвини за корупција и неправилности во изградбата на автопатишта и граничната ограда кон Турција.
Елена Јончева, поранешна новинарка и европратеничка од 2019 година, изјави дека постапката против неа е „политички напад“ од страна на Владата на Борисов. Таа тврди дека наводното перење пари се однесува на средства добиени во 2012 година од „Корпоративната комерцијална банка“ за снимање документарни филмови.
„Во тоа време никој во Бугарија не се сомневаше дека во банката се врши криминал,“ нагласи Јончева.
Сопственикот на „Корпоративната комерцијална банка“, Цветан Василев, во 2014 година беше обвинет за раководење со криминална група која од банката одзела над една милијарда евра.