Денеска наутро времето ќе биде студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Преку денот ќе биде сончево, со мала до умерена локална облачност и со слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти од минус 7 во Берово, до минус 1 во Охрид, а максималната дневна ќе се движи од 6 степени во Маврово, до 13 во Гевгелија.
Во Скопје, утрото ќе биде студено со појава на магла, а во текот на денот сончево и претежно тивко со мала облачност. Утринската температура ќе изнесува минус 5 степени, а дневната ќе се искачи до 9 степени Целзиусови.
Во петок попладне, во текот на ноќта и во сабота претпладне под влијание на влажен и студен бран ќе има врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во останатите предели од дожд и ќе преминуваат во врнежи од повремен снег. Во сабота ќе дува умерен, a долж Повардарието засилен северен ветер. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно и суво со услови за појава на маглa.