Извештајот на Европската комисија за 2026 година не носи ново изненадување, но детално покажува каде е проблемот: во корупцијата што не се казнува, во судството што не е независно, во државните пари што се трошат погрешно и во реформите што се одложуваат.
Европската комисија на 4 ноември го објави извештајот за Северна Македонија за периодот од 1 септември 2025 до 1 септември 2026 година. Пораката е јасна: првиот преговарачки кластер не може да се отвори додека не се изменат Уставот и не се реши спорот со Бугарија. Поважна е слабоста во областите што Комисијата ги смета за основа на членството, и таа се гледа во податоците што следуваат.
Во спречувањето и борбата против корупцијата Комисијата не бележи напредок и оценува дека земјата е на ниво „помеѓу одредено и умерено“ на подготвеност. Корупцијата е опишана како распространета и „сериозна причина за загриженост“.
Најконкретниот проблем е Кривичниот законик. Јануарските измени за злоупотреба на службена положба не ги поправаат последиците од измените од 2023 година, а Законикот е менуван три пати за три години, што според Комисијата создава правна несигурност. Нова одредба за злоупотреба во јавни набавки е вратена, но со многу потесен опсег отколку порано, и покрива само две основи. Измените не го решаваат ни прашањето на застареноста, па случаите на високо ниво често стасуваат до застареност. Тоа, пишува Комисијата, ја храни перцепцијата за некажнивост.
Извештајот не го негира она што се работи. Покренати се нови истраги, а има и обвиненија, меѓу кои и за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството. Поранешен вицепремиер со меѓународна потерница се вратил во земјата, бил ставен во куќен притвор и му се суди за корупција, злоупотреба на моќ и прекршување на законите за јавни набавки. Но според Комисијата, системскиот проблем е во претворањето на истрагите во пресуди и во одземањето на имот. Квалитетот на обвиненијата, доказната постапка и образложенијата на пресудите е слаб и нерамномерен. Одземањето на имот е наведено како една од најслабите алки.
Институциите што треба да ја спречуваат корупцијата и самите се во проблеми. Претседателот на Државната комисија за спречување корупција поднел оставка, а во тек е судење против него за откривање службена тајна и фалсификување испит за безбедносен сертификат. Еден член на Комисијата поднел оставка поради сомневање за судир на интереси. Нов член е избран на 26 јуни, откако првата постапка била откажана „од сомнителни причини“. Меѓуинституционалното тело за координација не се состанало формално од конститутивната седница во април 2025 година. Од законот за лобирање, пак, се регистрирани само еден лобист и три лобистички организации.
Стратегијата за спречување корупција 2026-2030 е поднесена во Собранието, но не е усвоена. Претходната, за 2021-2025, во 2025 година била спроведена со само 23 проценти од планираните активности, наспроти 18 проценти претходната година.
Судството е областа каде што извештајот најмногу навлегува во бројки. Буџетот за судовите во 2026 година е 0,29 проценти од БДП, наместо законските 0,8. За Јавното обвинителство одвоени се 0,24 проценти од државниот буџет, наместо 0,4. Попополнети се само 38 проценти од предвидените места во судовите, а Комисијата проценува дека недостасуваат 221 судија и 67 јавни обвинители. Управниот одбор на Академијата ја поништил најголемата досега постапка за прием на кандидати (130) поради недоволни средства. Затоа нови кандидати нема да има пред 2028 година.
Ефикасноста опаѓа. Должината на постапките се зголемила кај речиси сите видови предмети, а стапката на решавање е под 100 проценти за сите предмети од прв и втор степен, освен управните од прв степен. Поранешниот министер за правда го суспендирал Советот за ИКТ во судството, со што е одложена новата ИКТ-стратегија. Довербата во судството е оценета како „многу ниска“.
Законите се подобрени. Во декември 2025 е донесен нов Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги исполнува препораките на Венецијанската комисија, а во јуни е донесен нов Закон за Советот на јавни обвинители. Законот за Јавното обвинителство сè уште чека измени, меѓу другото за да се разјаснат основите и постапката за разрешување на главниот јавен обвинител.
За независноста на судството Комисијата пишува без заобиколување. Упорно надворешно и политичко мешање е „сериозна загриженост“. Провокативните изјави на високи политичари за планови за „чистење“ на судството и обвинителството, вклучително и лични критики кон судии и обвинители, според извештајот се непримерено влијание и заплашување.
Реакцијата на судството е без преседан. Во ноември 2025 Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии за прв пат издале заедничка изјава против постојаните неосновани критики од највисоките нивоа на власта. Во април 2026 Судскиот совет им се обратил и на медиумите да не објавуваат неосновани напади и сензационалистички извештаи без јасен јавен интерес.
Особено поучен е случајот со главниот јавен обвинител. Владата во декември 2025 поднела нов предлог за негово разрешување, а Советот на јавни обвинители повторно дал негативно мислење. Обвинителот поднел оставка пред гласањето во Собранието, а нов е избран во март 2026 на предлог на Владата. Според Комисијата, постапката ја покажала можноста за политизација и слабостите на рамката за разрешување.
Притисокот се однесува и на парите. Неколку закони дополнително ги намалиле коефициентите за плати на судиите, обвинителите и членовите на двата совета, донесени во декември 2025 и февруари 2026 по скратена постапка. Уставниот суд ги поништил февруарските измени на Законот за платите на судиите како неуставни.
Извештајот се осврнува и на други облици на влијание. Изборните дезинформации, странската манипулација со информации и мешањето остануваат недоволно адресирани, а онлајн кампањите не се регулирани, нема ни надзорен орган за социјалните мрежи. Граѓанските организации и бранителите на човековите права се соочуваат со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за дискредитација, особено оние што работат на корупција, човекови права и слобода на медиумите. Во 2025 година против новинари има 40 тужби за навреда и клевета, наспроти 15 претходната година. Скратените законодавни постапки опаднале на 50,42 проценти од законите, но тоа е и понатаму високо.
Економскиот дел е помалку поразителен, но не помалку важен. Комисијата дава „добро ниво“ на подготвеност за функционална пазарна економија, со „ограничен напредок“. Реалниот БДП во 2025 пораснал за 3,5 проценти, а во првата половина од 2026 растот е во просек 3,3 проценти. Растот, пак, главно го движат потрошувачката, кредитната експанзија и државно поддржаната побарувачка, не продуктивноста. Нето-извозот негативно влијаел врз растот. БДП по жител според куповната моќ се зголемил од 40 проценти од просекот на ЕУ во 2017 на 43 проценти во 2025.
Најтежок е податокот за капиталните инвестиции. Буџетскиот дефицит во 2025 изнесувал 4 проценти од БДП. Приходите биле под планираните, но тоа било надоместено со значително послаба реализација на капиталните расходи. Од ревидираниот план биле реализирани само 64,6 проценти од капиталните инвестиции, односно 2,7 проценти од БДП. Со ребалансите планираните капитални расходи биле намалени за 6,6 проценти, а тековните зголемени за 3 проценти, поради повисоки пензии и плати во јавниот сектор и нови општински проекти. Со други зборови, парите отишле таму каде што се трошат лесно, а не таму каде што создаваат раст.
Пензиите веќе чинат 11,8 проценти од БДП, наспроти 9,8 во 2021. Зголемувањата од септември 2025 и март 2026 се направени ад хок, наместо преку редовниот механизам на индексација. Владата го одложила исполнувањето на фискалното правило за дефицит од 3 проценти од БДП од 2027 на 2028 година. Со јулскиот ребаланс планираниот дефицит за 2026 е зголемен од 3,5 на 4,1 процент од БДП. Државниот долг на крајот на 2025 е 51,6 проценти од БДП, а јавниот 59,4 проценти. Двата показатели паднале во споредба со претходната година, но остануваат значително над нивото пред Ковид-кризата.
Корисно е да се знае дека оваа оценка не доаѓа само однадвор. Институтот Фајненс Тинк го оцени ребалансот како „фискален аларм“, во услови на забавена активност, инфлација над нивото на стабилни цени и повисоки расходи без соодветен раст на приходите. Согласно ребалансот, проекцијата за раст е намалена од 3,8 на 3,5 проценти, а за инфлација зголемена од 2,5 на 4,5 проценти.
Комисијата ги критикува и самите проекти. Работите на коридорите VIII и X се забрзале, но нивното завршување сега се очекува во 2029, две години подоцна од првичниот план.
Просечната годишна инфлација се зголемила од 3,5 проценти во 2024 на 4,1 проценти во 2025. По краткото смирување во втората половина на 2025, ценовните притисоци се засилиле од март 2026, главно поради цените на храната и енергијата и конфликтот на Блискиот Исток. До летото инфлацијата почнала да забавува, но базичната инфлација останала висока.
Најважната нова оценка е дека значаен дел од притисокот сега доаѓа од домашната економија: од растот на платите и од сè поекспанзивната фискална политика. Комисијата посочува и дека Народната банка водела претпазлива политика во услови на силен кредитен раст, додека фискалната политика дополнително ги зголемувала инфлациските притисоци. Владините ограничувања на цените на храната, според извештајот, покажале слабости во спроведувањето и немале голем ефект врз инфлацијата. Државната помош останува обемна и нетранспарентна, а тарифите на ЕСМ на регулираниот пазар се под трошоците и се субвенционирани од државата, што Комисијата го издвојува како фискален ризик.
Неформалната економија е околу 38 проценти од БДП, а неформалната вработеност во вториот квартал од 2026 изнесува 14,5 проценти, благо повеќе од лани. Две третини од тендерите се доделуваат со само еден понудувач. Кредитите на приватниот сектор растат 13,2 проценти годишно, што придонесува за остар раст на цените на недвижностите. Банките се стабилни, со адекватност на капиталот од 19,1 процент и нефункционални кредити од 1,9 проценти. Невработеноста е 11,5 проценти, но невработеноста на младите е 25 проценти, а за истражување и иновации се одвојуваат само 0,38 проценти од БДП.
Од извештајот произлегува една логика. Каде што треба политичка волја, а не само пари, резултатот е слаб: корупцијата, независноста на судството и изборната рамка. Каде што има пари, тие се трошат во тековните расходи, а не во инвестиции што ја зголемуваат продуктивноста. Комисијата не ги крие и добрите страни: усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, напредокот во дигитализацијата, стабилните банки.
Затоа „далеку од Европа“ не е само прашање на географија или на еден уставен услов. Тоа е збир од мали, повторувани одложувања, од кои секое поединечно изгледа поднослива. Еврокомесарката Марта Кос ја свела целата порака во една реченица: сега тоа зависи од Северна Македонија.
Сашо Денесовски
Tagged as:
без пари и под политички притисок Влијанијата: од политичките изјави до платите на судиите Извештајот на Европската комисија за 2026 година Корупцијата: многу истраги малку пресуди но и не остава простор за изговори Новиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија не носи изненадувања Парите: капиталните инвестиции што не се реализираат Судството: без луѓе
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
