Жена загина синоќа на обиколницата во Скопје. Обвинителството денеска соопшти дека сѐуште не се јасни причините за загинување на жената иако дежурен јавен обвинител заедно со увидни екипи од МВР синоќа извршија увид на местото на настанот.
„Точните причини и околности под кои се случил настанот се утврдуваат, но според првичните сознанија, починатата е женско лице, кое или се движело пеш по автопатот или паднало од надвозникот на коловозот. Во тој момент, во ноќни услови на намалена видливост на патот, на неа налетал автомобил кој се движел по обиколницата. Возачот на автомобилот е алкотестиран веднаш по несреќата, при што не е утврдено дека управувал со возилото под дејство на алкохол“, соопштија од Обвинителството.
Издадена е наредба за обдукција на телото на починатата, прибрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Се разговара и со очевидци на настанот, со цел да се испитаат сите околности.