Претседателот на Украина Володимир Зеленски остро го обвини Вашингтон дека има моќ да го принуди рускиот претседател Владимир Путин да седне на преговарачката маса, но дека нема доволно политичка волја да го направи тоа.
Зеленски ги изнесе критиките за време на посетата на украинскиот град Прилуки, кој вчера беше погоден во смртоносен руски напад. Неговата реакција следуваше по изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио дека дипломатските напори за мир стигнале до опасен ќорсокак.
– Каков ќорсокак? Ова се нарекува недостаток на волја – порача Зеленски, пренесува Ројтерс.
Украинскиот претседател го обвини Вашингтон за противречност.
– Од една страна, не можете да преговарате со Русите за идни економски проекти, а од друга страна да кажете дека сме во некаков дипломатски ќорсокак – изјави Зеленски.
Неговите критики доаѓаат во момент кога Ројтерс објави дека американски и руски претставници ја разгледуваат можноста американски инвеститори да се вклучат во проектот за гасоводот „Северен тек“.
Според извори на агенцијата, во разговорите учествувале Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, и Кирил Дмитриев, близок соработник на Путин.
Белата куќа, меѓутоа, тврди дека во последно време немало такви разговори за гасоводот.
Зеленски побара од САД да ги заострат санкциите против Русија и да ѝ овозможат на Украина поширок пристап до сателитскиот систем „Старлинк“, со цел да ја зајакне одбраната од руските ракетни напади.
Тој го посочи американскиот одговор кон Иран како пример за тоа што Вашингтон може да направи кога постои политичка решителност.
– Дајте ѝ пристап на Украина до „Старлинк“. Вие го направивте ова кога му одговоривте на Иран. Отворено реков: Дајте ни го ова, помогнете ни да го заштитиме нашето небо и да постигнеме воздушна супериорност. Потоа Путин ќе седне на преговарачката маса – изјави Зеленски.
Според украинскиот претседател, европските држави сами не можат да ја принудат Москва на преговори, но САД располагаат со значително поголеми можности за притисок.
– Верувам дека претседателот Трамп може да направи повеќе и, искрено, треба, со оглед на огромните загуби – порача Зеленски.
Тој оцени дека Путин во моментов нема вистински интерес за запирање на војната и повика на заедничко зголемување на американскиот и европскиот притисок.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој престојува во Португалија, изјави дека војната во Украина достигнала опасен ќорсокак, но нагласи дека САД нема да се откажат од обидите за дипломатско решение.
– Би сакале да видиме договор што ќе биде траен и праведен. Ќе останеме посветени на тоа – рече Рубио.
Тој предупреди дека понатамошната ескалација може да доведе до проширување на конфликтот и во други европски држави, вклучително и членки на НАТО.
– Соединетите Американски Држави се подготвени да посредуваат. Се обидовме и ќе продолжиме да се обидуваме. Но, нема да учествуваме во бесмислени процеси ако нема напредок – изјави американскиот државен секретар.
Најмалку 30 луѓе, според доставените информации, загинале во денешниот напад врз Краматорск, додека 22 лица биле убиени во нападот врз станбена зграда во Прилуки.
Според податоците на Зеленски, во руските напади во изминатите два дена загинале 78 луѓе, а 215 биле ранети.
И покрај острите критики кон Вашингтон, Зеленски потврди дека украинските преговарачи ќе престојуваат во САД во петок и во сабота за нова рунда разговори.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
