Украинскиот претседател Володимир Зеленски смета дека гаранциите за безбедност на Украина ќе бидат ефикасни само доколку ги обезбедат САД. Во гостување на поткаст кај Лекс Фридман Зеленски изјави дека прво сака да се сретне со идниот американски колега Доналд Трамп за да договорат мировен план пред да започнат какви било преговори со рускиот лидер Владимир Путин.
– Прво со Трамп. Ќе се договориме со него како да ја завршиме војната, како да го запреме Путин – изјави Зеленски во тричасовно интервју со американскиот поткастер Лекс Фридман.
Тој нагласи дека е „многу важно Европа да има глас“ во овие дискусии.
Украинскиот претседател истакна дека предложил замрзнати руски средства во вредност од 300 милијарди долари да бидат искористени за купување американско оружје, пренесува Укринформ.