Царинската управа преку Секторот за контрола и истраги откри и спречи организирана мрежа во која увозници, шпедитери, возачи вработени во превозни компании и царински службеници организирано вршеле кривични дела со употребувани возила. Возилата на нелегален начин биле ставани во промет и завршувале на авто-плацеви во земјава без да се платат увозни давачки.
Како што соопшти денеска директорот на Царинска управа Бобан Николовски, запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување плаќање увозни давачки е нанесена директна штета од девет милиони денари.
Постои сомневање, рече Николовски на прес-конференција, дека избегнатите давачки и штетата нанесена на Буџетот на државата е многу поголема, зашто е голема веројатноста изминатите години овие дела да се случувале повеќекратно.
– Досега, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се поднесени кривични пријави за 24 лица, 19 физички и пет правни лица, за сторени кривични дела: царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и злоупотреба на службена должност и овластување. Со целосно завршување на предистражните и истражните дејствија, кривични пријави ќе следат за други лица, при што некои од нив ќе се теретат за повеќекратно извршување на исти или слични дела. Во однос на царинските службеници кои извршиле злоупотреба на службена положба и овластување, во тек се дисциплински постапки, по што ќе следат соодветни казнени мерки – потенцира Николовски.
Во овие случаи, информира директорот, Секторот за контрола и истраги при Царинската управа утврдил грубо кршење на законските прописи.
– Сторителите на кривичните дела кои биле учесници во добро организирана и разработена шема, изработувале фалсификувани придружни документи кои се потребни за завршување на царинската постапка и фиктивно гo раздолжувале транзитот без притоа да спроведат царинска постапка. Така, без да бидат платени царината и другите увозни давачки, возилата биле пуштани во слободен промет и истите завршувале на различни авто – плацеви во државата – напомена Николовски.
Тој порача дека се става крај на организираниот криминал и корупцијата.
– Откривањето на овие случаи е само почеток на она што следи. Ќе продолжи со засилено темпо откривањето и спречувањето на сите криминални појави – подвлече директорот на Царинската управа.
Дополнителните приходи од царината при увоз на патнички моторни возила во изминатите шест месеци се поголеми за близу 119 милиони денари во однос на истиот период во 2023-та, а наплатата на приходите од ДДВ при увоз на патнички возила е поголема за над 482 милиона денари, рече денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски.
Како што истакна Николовски на прес-конференција, реалната наплата на данокот на моторни возила во јули 2024 е повисока за 46,5 отсто во однос на јули 2023, во август за 21,7 проценти, во септември за 24,2 отсто, во октомври за 10,3, во ноември за 27,4 проценти, додека во декември е на речиси исто како во декември 2023 година.
Во однос на увозните давачки, Царината, според директорот, бележи одлични резултати, 2024 година ја заврши со 6,3 отсто поголема вкупна наплата во споредба со 2023-та или со над 120 милиони евра.
Како што соопшти денеска директорот на Царинска управа Бобан Николовски, запленети се 35 автомобили со вкупна вредност од 20 милиони денари, при што врз Буџетот на државата преку избегнување
– Еден факт е непобитен, Царината со новото раководство од 1 јули 2024, прави резултати кои никој не може да ги побие. Ќе продолжиме уште посилно, нашите засилени контроли даваат добри резултати и се надеваме дека годинава ќе биде уште поуспешна од втората половина на 2024-та. Бележиме добри резултати во однос на полнење на државниот буџет, влегуваме во 2025-та уште помотивирани зашто за релативно краток период постигнавме добри резултати од сите аспекти – истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања.
Оценка на директорот е дека официјалниот влез на Бугарија и Романија во шенген зоната ќе се рефлектира врз македонските транспортери од аспект на процедурите и тековното работење.
– Ова нема да им оди во прилог на нашите транспортери зашто, колку што сум информиран, во првите шест месеци од годината, 90 дена имаат право да бидат внатре. Сигурнио ќе прави одредени пречки, ќе има пречки, но нашите транспортери ќе се снаоѓаат – рече Николовски.