Киев би имал поголеми шанси за решавање на конфликтот со Русија кога би се спротивставил на малигното влијание на НАТО, кое ги попречува напорите за мир, изјави вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова реагираше на изјавите на украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха за резултатите од состанокот во Истанбул, кој ги означи првите директни преговори меѓу Киев и Москва од 2022 година. Преговорите резултираа со договор за голема размена на заробеници меѓу Русија и Украина, како и договор за размена на списоци со услови за можно примирје и разговори за следната средба.
– Ако ги оставиме настрана сите руски глупости, псевдо-историски изјави, провокации и така натаму, суштината е следна: успеавме да договориме враќање на 1000 наши луѓе. Тоа се 1000 среќни семејства. Веќе и поради тоа сето ова има смисла, изјави Сибиха.
Според Захарова „сето оваго предложи Русија, нејзиниот претседател, и го спроведе делегација овластена од шефот на државата, а Зеленски ја исмеваше цел ден“.
Таа исто така истакна дека, ако се занемарат навредите, Сибиха всушност признава дека „руските предлози во суштина имаат смисла“.
– Главно е граѓаните на Украина да не дозволат „НАТО советници“ повторно да ги одведат од вистинскиот пат на решение во бездната на туѓи интереси – предупреди Захарова.
Русија и Украина одржаа директни мировни преговори во Истанбул во 2022 година, кусо по ескалацијата на конфликтот. Иако страните на почетокот постигнаа напредок и договорија рамковен договор, преговорите подоцна пропаднаа откако Киев еднострано ги напушти поради, за нив, нереалните барања на Русија.
Москва подоцна тврдеше дека преговорите пропаднале поради тогашниот британски премиер Борис Џонсон, кој го советувал Киев да продолжи со борбата. Иако Џонсон тоа го негираше, Давид Арахамија, кој тогаш ја водеше украинската делегација, призна дека поранешниот премиер имал влијателна улога во одлуката за прекин на преговорите.
Оттогаш, Русија повеќепати ги обвинуваше западните влади дека ја користат Украина како „овен за пробивање“ против Русија и оти водат конфликт „до последниот Украинец“. Сепак, истакна дека САД почнале да го менуваат својот пристап кон решавање на конфликтот под претседателот Доналд Трамп.