Канцеларијата за контрола на странскиот имот на американското Министерство за финансии ја додаде Нафтената индустрија на Србија (НИС) на листата на санкции насочени против компанијата Газпром и Руската Федерација.
Стигна и реакцијата на претседателот на Србија Александар Вучиќ кој кажа дека од Србија се бара целосно излегување на руските инвестиции од НИС.
– Станува збор за најтешки санкции и очекуваме излегување на рускиот капитал до 25 февруари – кажа Вучиќ и истакна дека Србија ќе реагира одговорно и дека нема да брза со донесувањето одлуки.
Вучиќ додаде дека американските санкции против НИС се удар врз руските компании и компаниите поврзани со нив, меѓу кои и НИС. Српскиот претседател кажа и дека од претстојната американска администрација ќе бара уште еднаш да ја разгледа оваа одлука.
– Ќе видиме дали можеме да добиеме некои олеснувања околу одлуката која веќе ја донесоа – кажа Вучиќ.
Тој истакна дека Србија не е непријателска земја на Русија и дека не сака никакво непријателско преземање на туѓ имот поради што ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин.
– Граѓани на Србија, не треба да се грижите. Ќе ги заштитиме интересите на Србија по секоја цена. Нема да има никаков недостиг и нема да има никаква економска катастрофа. Ќе победиме и овој пат и Србија во 2025 ќе биде најбрзорастечката економија на Европа – заклучи тој.