Владејачката коалиција Вреди побара Демократската унија за интеграција да го исклучи Артан Груби од патијата.
„Упатуваме јасен и отворен повик до раководството на ДУИ да преземе конкретни и видливи мерки за зачувување на стратешкото партнерство на Албанците од Северна Македонија со Соединетите Американски Држави и за докажување дека Албанците нема да бидат заложници на ничиј криминал. Бараме ДУИ да донесе формална одлука за исклучување на Артан Груби од членство во партијата. Досегашните изјави на господинот Али Ахмети и господинот Бујар Османи за принципиелност и транспарентност останаа само на ниво на празни зборови. Ги повикуваме да преземат конкретни чекори, кои ќе покажат дека нивните ветувања и заложби се реални и дека нема да дозволат какви било сомнежи околу криминална или нечесна активност да ја нарушат репутацијата и иднината на Албанците“, соопшти Вреди.
Притисокот од јавноста е реален и легитимен – луѓето бараат дела, а не празни фрази, додава Вреди.
„Ако ДУИ сака да ја потврди сериозноста на своите заложби за владеење на правото и за севкупен општествен интегритет, неопходно е итно да покаже дека нема да толерира сомнителни активности во своите редови. Исклучувањето на Артан Груби од партијата е неопходен потег за да се испрати јасна порака дека партијата и нејзините лидери се искрени во заложбите за почитување на законите и за силно партнерство со САД. Сè друго е јасен доказ дека тие го прикриваат и штитат нивниот другар Артан Груби. Веруваме дека со итно и решително делување, ДУИ ќе покаже дека зборовите на Али Ахмети и Бујар Османи не се празни ветувања, туку дека навистина стојат зад сопствените принципи за праведност, законитост и заштита на стратешките интереси на Албанците“, соопшти коалицијата.