Background

Вработена во МВР се сомничи дека за шест години направила 22 кривични дела – фалсификат

Против 27 лица, меѓу кои и вработена во Министерството за внатрешни работи, е поднесена кривична пријава поради сомнение за незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Пријавата е поднесена до скопското јавно обвинителство од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР.

– Истрагата открила злоупотреби во постапките за издавање возачки дозволи, при што преку незаконски измени во електронскиот систем биле внесувани категории за кои подносителите не ги исполнувале законските услови. Потоа биле издавани возачки дозволи со невистинита содржина, соопштија од полицијата.

Според МВР, вработената во Одделението за управни работи Скопје во периодот од 3 септември 2020 до 24 август 2026 година, користејќи ја својата службена шифра и овластувања, незаконски менувала претходно креирани барања за издавање возачки дозволи. Во одредени случаи отфрлала веќе оформени барања и креирала нови, во кои внесувала категории за кои лицата не ги исполнувале условите.

- Advertisement -
Ad image

По измените, барањата биле одобрувани и потоа биле издавани возачки дозволи со неточни податоци.

На ваков начин, како што соопшти МВР, во возачките дозволи на 21 лице им биле внесени категории за кои лицата немале положен испит, додека во еден случај постапката останала во обид. Во три случаи биле отфрлени претходно креираните барања, по што биле поднесени нови со незаконски внесени категории.

МВР утврдило и дека 4 лица посредувале во незаконското издавање на возачките дозволи. Тие пронаоѓале заинтересирани лица, ги поврзувале со вработената во МВР и ја координирале постапката до внесувањето и одобрувањето на категориите во електронскиот систем.

За вработената во МВР постојат основи на сомнение за 22 кривични дела „фалсификување исправа“, како и уште едно исто дело во обид.

– Останатите пријавени лица, според сомнежите на истрагата, учествувале во незаконското издавање на возачките дозволи во договор и содејство со вработената. Лицата на кои им биле издадени дозволите, иако не ги исполнувале законските услови за соодветните категории, исто така се сомничат за фалсификување исправа во соизвршителство – информираше МВР.

Дополнително, 6 лица ги употребиле незаконски издадените возачки дозволи при преминување на државната граница. Две од нив ги употребиле и при постапки за добивање сертификати за професионална компетентност за возачи во меѓународен превоз на патници и стоки.

За овие дејствија постојат основи на сомнение за 6 кривични дела „Употреба на исправа со невистинита содржина“.

По откриените неправилности, МВР го известило Министерството за транспорт и побарало вонреден надзор над правните лица кои вршат обука или посредуваат при издавање сертификати за професионална компетентност. Побарано е и преиспитување на законитоста на веќе издадените сертификати.

Против вработената во МВР ќе биде поднесен и предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а ќе биде изречена и мерка отстранување, односно суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

Оваа вработена имала и досие за злоупотреба на постапките при издавање на лични документи за што во 2021 година, била отпуштена од работа во МВР, а потоа во 2025 година е вратена на работа со судска одлука.

По добивањето на пријавите обвинителството одреди и соодветни мерки. За вработената во МВР, како и за две лица кои повеќепати ги употребувале лажните дозволи за да управуваат возила во меѓународен превоз на патници и стоки, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. За вкупно 17 лица се предложени мерки на претпазливост, додека 7 се недостапни на органите на прогонот до овој момент.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува да го истражува настанот и потенцијална инволвираност на други лица како вработени во МВР, така и посредници и евентуални корисници на вака фалсификуваните документи, како и можни други злоупотреби при издавањето и користењето на возачки дозволи.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation