Во Охрид денеска се одржа регионалниот настан „Фер туризам започнува со пријавен доход“, организиран од Управата за јавни приходи, чија цел е подигнување на информираноста кај даночните обврзници за нивните обврски поврзани со пријавувањето и оданочувањето на доходот остварен од издавање недвижен имот.
На настанот присуствуваа претставници на надлежните институции, организатори и туристички работници, а во рамки на настанот свое обраќање имаше Ана Крстеска, заменик градоначалник на Општина Охрид.
– Чест и задоволство ни е што денеска нашиот град е домаќин на регионалниот настан „Фер туризам започнува со пријавен доход“.
За Охрид, како еден од најзначајните туристички центри во Македонија, уредниот, одржлив и фер туризам е од особено значење. Туризмот е важен двигател на локалната економија, но неговиот развој мора да се темели на јасни правила и еднакви услови за сите.
Овој настан има за цел да ги информира даночните обврзници за нивната обврска навремено и точно да го пријават остварениот доход и да им обезбеди основни информации за правилно исполнување на даночните обврски.
Овие правила се однесуваат на сите граѓани-закуподавачи кои остваруваат доход од издавање на недвижен имот, односно станови, вили, викендички, апартмани или соби, вклучително и издавање преку домашни или странски дигитални платформи.
Нашата локална самоуправа, во рамки на своите надлежности, има воспоставено систем за категоризација на објектите за сместување, а значајна улога има и туристичката такса како дел од системот за уредување и следење на туристичката активност.
Но, за фер туризам не е доволно само да постојат правила. Потребни се континуирана контрола, навремена размена на информации и, пред сè, заедничка и координирана соработка меѓу институциите.
Особено е важно да се спречи нелојалната конкуренција и да се обезбедат еднакви услови за сите што работат во туристичкиот сектор. Оние кои ги исполнуваат своите законски обврски, инвестираат во квалитет и придонесуваат за локалната економија треба да имаат соодветна позиција на пазарот.
Затоа, соработката меѓу Општина Охрид, Управата за јавни приходи и останатите надлежни институции е од суштинско значење.
Само преку заеднички пристап можеме да постигнеме подобра контрола, поголема информираност и поуреден и поконкурентен туристички сектор.
Нашата цел е Охрид да продолжи да се развива како атрактивна туристичка дестинација, но и како пример за одговорен, квалитетен и фер туризам, истакна Крстеска во своето обраќање.
На настанот свое обраќање имаа претставниците на УЈП, Весна Николоска Ристовска, Сузана Стошеска Николовска, Катерина Митевска и Андриана Липитова кои го истакнаа значењето на навременото и точно пријавување на доходот, особено во услови на зголемена употреба на домашни и странски дигитални платформи за изнајмување на сместувачки капацитети.


Tagged as:
ВО ОХРИД СЕ ОДРЖА РЕГИОНАЛНИОТ НАСТАН „ФЕР ТУРИЗАМ ЗАПОЧНУВА СО ПРИЈАВЕН ДОХОД“
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
