Загадениот воздух во градовите низ државата е сериозен проблем кој бара системски и долгорочен пристап за негово решавање, а првите резултати од преземените системски мерки би се почувствувале во некој период од среден рок, од неколку години, соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на долгорочна и системска стратегија која реално ќе го намали загадувањето. За да се направи тоа, меѓу другото, потребно е да се промени на начинот на затоплување на домовите. Тоа подразбира наместо фосилни повеќе да се користат еколошки горива, меѓу кои и централно затоплување. За да се смени начинот на загревање на домовите, потребно е да се изградат гасни централи. Новиот начин на затоплување на домовите, истовремено, треба да биде достапен за сите граѓани“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, додава партијата, интензивно работи на изградба на такви гасни централи.
„Веќе има и заинтересиран инвеститор. Тоа е инвестиција за чија реализација се потребни неколку години, за да профункционира. Гасната централа ќе обезбеди топлинска енергија и значително и драстично ќе ја намали загаденоста. Тоа ќе обезбеди, меѓу другото, и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата упати критика до ретходната власт дека не презела ништо за да се намали аерозагадувањето во Македонија.
„Жално е што поранешната 7-годишна влада предводена од СДСМ и од ДУИ не водеше сметка за амбиенталниот воздух и не направи ништо за да се намали загадувањето. Барем нешто да направеа, сега, по 7 години, веќе ќе ги чувствувавме првите резултати и Скопје немаше да биде лидер на неславните европските и светски листи по загаден воздух“, додава ВМРО-ДПМНЕ.