Уставниот суд на вчерашната седница ја укина Одлуката на Совет на Општина Тетово, донесена на 24 април 2007 година, за преименување на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и други објекти во градот. Причината за укинувањето на Одлуката е поради тоа што пред речиси 2 децении таа не добила согласност од Владата. Уставниот суд оценил дека Одлуката на Советот на Општина Тетово не е во согласност со законските и уставните норми.
Иницијативата пред Уставниот суд беше поднесена на 11 февруари 2025 од Даријан Сотировски и Сојузот на борците од НОБ-Тетово.
Со Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 беа сменети имињата на повеќе улици и на градскиот плоштад во Тетово. Така главниот булевар и плоштадот, кои го носеа името „Маршал Тито“ беа преименувани во булевар и плоштад „Илирија“, улицата „ЈНА“ стана „Дервиш Цара“, улицата „29 Ноември“ во „Мехмет Паша Дерала“ и уште неколку други улици добија нови имиња.
Оваа Одлука на Општина Тетово не беше прифатена од централната власт па во изминативе 19 години во Тетово постоеше двојно именување на дел од улиците. Во општинските документи фигурираа новите имиња на улиците, но во официјалните документи издадени од државата (лични карти, пасоши и друго) беа внесувани старите имиња на улиците
Пред крајот на првиот мандат, сегашниот градоначалник на Општина Тетово Билал Касами покрена иницијатива за промена на имињата на уште улици во градот кои „не одговарале на сегашниот момент и се остаток од едно мрачно минато“, како што беше образложено. Се формираше комисија која имаше за цел да утврди список на предлози за нови имиња која одржа и 4 јавни дебати на кои граѓаните покрај по електронски пат можеа и усно да даваат предлози за новите имиња на улиците. Па така, меѓу над 1.000 предлози имаше и такви со имиња на Албанци кои соработувале со фашистичкиот окупатор, имиња на припадници на УЧК, на лица кои се сосем непознати и нерелавантни за историјата на Тетово, потсетува СДК.мк.
Пред одржувањето на Локалните избори во 2025, оваа комисија беше распуштена, а по добивањето на вториот мандат за градоначалник, Касами формира нова комисија која, како што беше речено, наскоро требало да излезе со предлозите за нови имиња на дел од улиците во Тетово.
На одлуката на Уставен, вчера остро реагираа од Демократската унија за интеграција (ДУИ), оценувајќи дека таа покажува дека кампањата за демонтирање на политичките достигнувања на Албанците влегува во нова фаза.
Според ДУИ, враќањето на името „Маршал Тито“ на централниот плоштад во Тетово е само најнов знак на една реалност што секој ден станува сè поочигледна, а тоа е дека „државните институции се користат за бришење на трагите од еднаквоста која е стекнувана со децении политички напори“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
