Единици на украинската војска го нападнаа и го оштетија рускиот танкер „Вест Хоризонт“ (West Horizon) во Црното Море, соопшти Генералштабот на армијата на Украина.
Како што се прецизира во военото соопштение, погодено е пловило кое и припаѓа на руската „флота во сенка“ и кое се користело за транспорт на нафта и нафтени деривати со цел да се заобиколат меѓународните санкции. Според тврдењата на украинската војска, потврдено е сериозно оштетување на пропелерно-кормиларниот систем на рускиот брод.
Во соопштението објавено на официјалната страница на Фејсбук, Генералштабот на Вооружените сили на Украина додава дека во текот на изминатата ноќ украинските сили погодиле и низа други важни објекти од воено-индустрискиот и енергетскиот комплекс на Руската Федерација.
Освен ударот врз рускиот танкер, украинската војска тврди дека успешно била погодена и фабриката за производство на навигациски системи за ракети и беспилотни летала „ВНИИР-Прогрес“ во градот Чебоксари, како и рафинеријата за нафта „Кујбишевски“ лоцирана во градот Самара.
Русија веднаш реагираше на инцидентот. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека Русија е подготвена да ги искористи „сите расположливи средства“ за да ја заштити поморската безбедност и легитимните интереси на сопствениците на бродови и бродарите во Средоземното Море.
На редовна прес-конференција, Захарова нагласи дека целата одговорност за евентуалните инциденти целосно ќе падне на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која ја означи како директен иницијатор на ескалацијата.
– Одговорноста за сите потенцијални инциденти и ескалација на тензиите во Средоземното Море во целост ќе падне на иницијаторите на ескалацијата, кои ги претставува Каја Калас и целата нејзина банда сплеткари – изјави Захарова, коментирајќи ја најновата одлука на ЕУ со која им се дозволува на воените бродови да ги пресретнуваат и задржуваат танкерите во Средоземното Море, за кои Брисел ќе процени дека ѝ припаѓаат на таканаречената руска „флота во сенка“.
Захарова потенцираше дека ангажирањето на бродовите на Европската Унија во рамките на нејзината поморска мисија „Ирини“ во Медитеранот, со цел проверка или заплена на нафтени танкери, би претставувало грубо кршење на меѓународното право. Таа додаде дека Брисел, преку проширувањето на санкциите против Русија, нема да успее да влијае врз суверената политика на Москва.
– Русија најостро ги осудува сите нелегитимни еднострани принудни мерки. Сè поголем број земји го делат и го поддржуваат ваквиот пристап. Секако, ќе преземеме ефикасни и остри чекори како одговор на најновиот пакет санкции на ЕУ – порача портпаролката.
Претходно, високата претставничка Каја Калас изјави дека ЕУ ги засилува мерките против руската „флота во сенка“, поради што европските бродови во рамките на мисијата „Ирини“ отсега ќе можат не само да ги контролираат танкерите, туку и законски да ги запленуваат.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
