Наставникот Иле Михајловски, од основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ од Свети Николе влезе во финалето на најдобрите 50 наставници од целиот свет. Тој е кандидат за глобалната награда за наставници за образование GEMS, која е иницијатива на Фондацијата Varkey, организирана во соработка со УНЕСКО.
– Во конкуренција од над 5.000 номинации од 89 земји и од целиот свет, каде те оценуваат еминентни судии и каде се оценува чесниот труд и постигнувањата, не очекував дека ќе бидам дел од ТОП 50 финалисти наставници од светската мапа. Скромноста во мене останува иста, но радост ми е што токму на таа светска мапа, таму некаде, трепка Македонија, трепка нашето Свети Николе и моето матично ООУ „Свети Кирил и Методиј“, каде работам 29 години – вели наставникот Михајливски.
Тој порачува дека и понатаму е истиот, кој чесно си ја работи својата работа и ќе биде тука за децата секогаш и безрезервно.
– Знам дека сè што досега сработив било и ќе биде за децата. И тоа не само за децата од моето училиште, за децата од нашето Свети Николе, туку за децата од наша Македонија. Како и до сега, и понатаму ќе помагам и ќе влевам надеж колку можам кај децата без родители, самохрани родители, децата со посебни потреби, оти тоа сум јас, оти и јас сум една од тие приказни, која е денес она што е. Научив дека јас сум моливот, јас сум тој што ја пишува својата приказна, не само како наставник, туку и како човек, и без разлика колку гуми ќе се обидат да избришат од сработеното, тука сум за да продолжам да ја пишувам мојата приказна. Од срце им благодарам на сите мои ученици од сите генерации кои го извадија најдоброто од мене, на оние малку кои ми беа поддршка и ветер во грб и за номинација и за пополнувањето на самата апликација – порача Михајловски преку својот профил на Фејсбук.
Наставниците се важни, додава тој, тие се оние кои создаваат иднина.
Платформата GEMS го опишува Михајловски како посветен наставник од Свети Николе, светилник на надеж во образовниот систем кој се соочува со многу системски предизвици.
„Неговиот животен пат, обликуван уште од адолесценцијата како дете без родители, и страста за уметноста е обележана со непоколеблива посветеност за поддршка на децата од ранливите категории, за поттикнување на инклузивно образование и за негување на нова генерација на емпатични глобални граѓани. Иновативните наставни практики на Иле имаат длабоко влијание врз неговите студенти, особено оние од маргинализираните групи“, пишува меѓу другото.
Михајловски е еден од тројцата финалисти од Балканот, заедно со Андреја Павловиќ, наставник по математика од Смедерево и Данило Ковач, наставник по историја од Бања Лука.
И училиштето „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе ја сподели убавата вест и му посака среќа на Михајловски во финалето.
„За да се подобри светот, потребно е да се вложи во образованието! Влијанието што го има наставникот кон своите ученици никогаш не може да се избрише. Горди сме на Иле Михајловски, нека продолжи да го прави она што најдобро умее, да ги учи учениците да го сакаат учењето, да биде нивен херој и патоказ кон вистинските вредности“, велат од училиштето.
На Михајловски му честитаа и од иницијативата „Најдобар наставник во поранешна Југославија“ во која тој е активен член.
„Ретко која наставната заедница може да се пофали со дури петмина финалисти на престижната Глобална награда за наставници! Овој неверојатен момент дополнително го осветлува квалитетот на работата на наставниците во нашиот регион“, велат тие.
Покрај Михајловски, Павловиќ и Ковач, во финалето за наградата во изминатите години биле и Весела Богдановиќ од Битола и Желјана Радојичиќ Лукиќ од Бања Врујци.