Oбезбедени се уште четири лица кои беа недостапни во истрагата за злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК)
Од нив, две лица денеска беа изведени пред судија на претходна постапка. За едниот осомничен е определена мерка притвор, а за вториот се определени мерки за обезбедување присуство.
Преостанатите две лица ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во текот на утрешниот ден.
ОЈО ГОКК води истрага за проневера на околу 3 милиони евра и за перење пари во ФФМ.
Досега 14 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, се изведени пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје, а едно лице е недостапно на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ Муамед Сејдини, кој е второосомничен во предметот, веќе е во притвор за друго дело за кое беше уапсен во април годинава.
Јавниот обвинител Фатон Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка се обезбедени докази дека услугите за кои што се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.
Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против 3 лица вработени во ФФМ, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.
Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53.351.209 денари.
„Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер“, соопшти Финансиската полиција.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
