Девет мртви лица се поврзуваат со вчерашниот масакр во полскиот град Краков, откако полицијата пронајде три тела во домот на напаѓачот, покрај шестмината убиени во вооружениот напад во центарот на градот. Уште 16 лица се повредени меѓу кои двајца полицајци, а истражителите проверуваат дали осомничениот претходно ги убил и своите најблиски.
Полскиот премиер Доналд Туск соопшти дека во домот на 24-годишниот напаѓач во Островјец Свјетокшиски биле пронајдени телата на две жени и еден маж. Според првичните сознанија, најверојатно станува збор за неговите родители и сестрата, но нивниот идентитет и околностите на смртта сè уште не се официјално потврдени.
Телата биле откриени со помош на полициски дрон, а во објектот постоеле сомневања за присуство на експлозивни направи. Поради безбедносниот ризик, полицијата ја евакуирала зградата и ангажирала специјализирани единици.
Министерот за одбрана на Полска, Владислав Кошњак-Камиш, го оцени вооружениот напад како терористички чин, додека министерот за внатрешни работи Марчин Кервински изјави дека осомничениот имал исклучително радикални ставови и бил приврзаник на крајнодесничарски идеологии.
Напаѓачот, полски државјанин на возраст од 24 години, според дел од медиумите 25, пукал од автомобил кон случајни минувачи во историскиот центар на Краков. Убиени се четири жени и двајца мажи, меѓу кои и еден странски државјанин.
Меѓу повредените има петмина странски државјани, од Австрија, Германија, Португалија, Русија и од Велика Британија. Еден од двајцата ранети полицајци е во тешка здравствена состојба.
Полицијата го ранила и го уапсила напаѓачот по престрелка во близина на местото на нападот. Истражителите ги утврдуваат неговите мотиви и проверуваат дали имал соучесници.
Нови детали од полските служби откриваат дека напаѓачот не пукал само кон минувачите. Од автомобил во движење бил нападнат и трамвај на линијата број 1, при што било искршено стаклото на возачката кабина.
Ниту еден патник не бил повреден, а неповреден останал и возачот на трамвајот.
Нападот се случил во саботата, на 7 ноември, нешто по 15 часот, во близина на главниот градски плоштад. Полицијата го пресретнала напаѓачот во реонот на улиците Дитла и Страдомска.
Полскиот премиер Доналд Туск го нарече масакрот терористички напад и најави темелна истрага во која се вклучени полицијата, безбедносните служби и обвинителството.
– Никогаш порано не сме имале толку драстични случаи на тероризам во Полска. Така треба да се нарече овој суров напад врз човечкиот живот во Краков – изјави Туск.
Полските власти прогласија дводневна национална жалост за 8 и за 9 ноември, додека градските власти во Краков одлучија локалната жалост да трае до 11 ноември.
На нападот реагираа повеќе европски лидери. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази сочувство до семејствата на жртвите, а нападот го осудија и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, високата претставничка на Европската Унија Каја Калас, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Првите информации за масакрот во саботата попладне говореа за најмалку пет загинати и десетина повредени. Бројот на жртвите подоцна се зголеми на шест, додека дополнителните три тела беа пронајдени во домот на осомничениот, на околу 200 километри од Краков.
Според првичните извештаи, напаѓачот со автомобил влегол во центарот на градот и почнал да пука кон луѓето. Полските медиуми објавија дека бил облечен во облека во воен стил, а во нападот користел огнено оружје.
На главниот плоштад во Краков, каде што туристите традиционално се возат со коњски кочии, нападот ги погодил и кочијашите. Двајца кочијаши се борат за живот, а неколкумина се тешко повредени.
Коњите добиле површински рани, но нема информации за сериозни повреди кај нив.
Краков е вториот по големина град во Полска, со повеќе од 800.000 жители, и една од најпосетуваните туристички дестинации во земјата. Неговиот историски центар, во кој се наоѓаат главниот плоштад и замокот Вавел, е под заштита на УНЕСКО.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
