Страв дека некој би можел да влезе во нејзината спална соба од соседната амбасада, непроспиени ноќи и размислувања да го напушти семејниот дом.
Ова се дел од причините поради кои 35-годишната Дајана Симпсон од Лондон го тужи Градскиот совет на Вестминстер, тврдејќи дека отворањето на црногорската амбасада во нејзината улица негативно влијаело врз нејзиното ментално здравје.
За необичниот судски спор известува британски „Гардијан“, кој ги пренесува тврдењата на жената и одговорот на градските власти.
Амбасадата е сместена во куќа со 5 спални соби во лондонскиот кварт Пимлико, на улица со историски згради и препознатливи бели фасади.
Отворањето на дипломатското претставништво предизвикало незадоволство кај дел од соседите, но случајот добил неочекуван пресврт кога Симпсон решила да побара судска заштита.
Сè започнало со поставувањето јарбол и црногорско знаме пред амбасадата.
Некои од жителите сметале дека црвеното знаме со златни украси не се вклопува во изгледот на улицата, позната по своите историски фасади од периодот на Регентството.
Еден сосед го опишал јарболот како „грд за око“, додека други приговарале дека за поставувањето на знамето и официјалната плоча не била претходно побарана соодветна дозвола.
Вршителот на должноста амбасадор се обидел да ги смири тензиите организирајќи прием за соседите.
Но, за Дајана Симпсон проблемот бил многу посериозен од изгледот на улицата.
Симпсон, ќерка на поранешен американски дипломат, живее на истата улица повеќе од три децении.
Таа има дијагностицирана клиничка анксиозност, долготраен ковид и функционално невролошко нарушување, а прима и надоместоци поради попреченост.
Во судската изјава наведува дека присуството на амбасадата ги засилило нејзините стравови и ѝ го нарушило спиењето.
Според неа, понекогаш чувствува потреба да спие во друга соба, а кога ноќе ќе слушне крцкање, помислува дека некој би можел да влезе во нејзината спална соба од соседната амбасада.
Таа самата признава дека веројатноста за такво нешто е многу мала и дека нејзината реакција во голема мера е ирационална.
Стравовите ги поврзува и со тензиите меѓу Црна Гора и Русија.
Необичноста на случајот е и во тоа против кого е поднесена тужбата.
Симпсон не бара отштета од Црна Гора, туку од Градскиот совет на Вестминстер, кој учествувал во постапката за одобрување на дипломатското претставништво.
Таа тврди дека надлежните не ги разгледале доволно нејзините здравствени околности, ниту влијанието што отворањето на амбасадата би можело да го има врз нејзиниот приватен и семеен живот.
Повикувајќи се на прописите за човекови права и еднаквост, Симпсон бара судска ревизија на одлуката и можност за отштета.
Таа вели дека ситуацијата ја натерала да размислува дали воопшто ќе може да остане во куќата во која планирала да го помине животот.
Градскиот совет на Вестминстер ги отфрла обвинувањата.
Во одговорот до судот, советот наведува дека нема убедливи докази за мешање во домот, приватноста или семејниот живот на тужителката.
Локалните власти побарале спорот да биде решен по скратена постапка, без одржување расправа.
Од советот посочуваат дека одлуките за урбанистичко планирање мора да се носат во согласност со законските правила и дека не би било соодветно дополнително да го коментираат случајот додека трае судската постапка.
Засега нема судска одлука.
Tagged as:
ЦРНОГОРСКАТА АМБАСАДА ВО ЛОНДОН Ѝ ГО РАСТУРИ МИРОТ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
