Ескалацијата на Блискиот Исток ја зголемува нервозата на светските берзи. Новиот енергетски шок може да донесе повисока инфлација, камати и трошоци. „Брент“ поскапе за околу 25 проценти од почетокот на август, додека резервите на нафта забрзано се намалуваат.
Цената на нафтата повторно се доближи до психолошката граница од 100 долари за барел, предизвикувајќи нов бран нервоза на светските финансиски пазари. Утрово фјучерсите на северноморскиот „брент“ поскапеа за 1,10 долари, на 99,02 долари за барел, додека американската ВТИ нафта достигна 93,95 долари. Тоа беше четврти последователен ден на раст на цените, а „брент“ од почетокот на август поскапи за околу 25%. Главната причина е новата ескалација на Блискиот Исток и стравувањата дека снабдувањето со енергенси може дополнително да биде нарушено.
Последната ескалација дојде откако Хутите од Јемен, поддржани од Иран, извршија напади врз повеќе градови во Саудиска Арабија. Американските сили, пак, нападнаа повеќе ирански нафтени танкери, а Иран возврати со напад врз американска база во Јордан.
Ризикот за пазарите веќе не се сведува само на директното иранско производство. Во прашање се саудиските енергетски капацитети, танкерскиот сообраќај и транспортните коридори преку Ормускиот Проток и Баб ел-Мандеб. Според податоците што ги наведува Ројтерс, извозот на производителите од Блискиот Исток сега изнесува околу 11 милиони барели дневно, наспроти околу 18 милиони пред почетокот на војната со Иран.
Светскиот пазар досега издржа многу поголем шок отколку што сугерира самата цена од околу 100 долари. Меѓународната агенција за енергија процени дека глобалната понуда во јули изнесувала 101,5 милиони барели дневно, дури 6,3 милиони помалку од една година претходно, додека 8,3 милиони барели дневно производство во Персискиот Залив сè уште биле надвор од пазарот. Светските залихи само во јули се намалиле за 69 милиони барели, а од почетокот на војната за околу 410 милиони. Тоа значи дека резервниот простор за амортизирање на следниот голем прекин во снабдувањето станува сè потесен.
Поскапата нафта речиси веднаш ги зголемува трошоците за бензин, дизел и за авионско гориво, а потоа преку транспортот, производството, пластиката, хемиската индустрија и земјоделството се пренесува врз цените на огромен број производи. ОЕЦД веќе проценува дека инфлацијата во земјите од Г20 во 2026 година ќе достигне околу 4%, наспроти 3,4% во 2025 година.
Во сценарио на продолжени нарушувања во снабдувањето со енергија, организацијата проценува дека глобалната инфлација во 2027 година би можела да биде дополнително повисока за 1,3 процентни поени.
Последицата веќе се гледа на берзите. Во вторникот индексот Дау Џонс падна за 1,2% или 626 поени, С&П 500 загуби 0,6 проценти, а Насдак 0,3 проценти. Во средата нервозата се префрли во Азија: јапонскиот Никеи падна за 0,2 проценти, хонгконшкиот Ханг Сенг за 0,3 проценти, додека европските фјучерси на Еуро Стокс 50 се намалија за околу 0,5 проценти.
Исклучок остануваат дел од технолошките компании поврзани со вештачката интелигенција: јужнокорејскиот КОСПИ порасна за 1,2 проценти, потпомогнат од акциите на производителите на чипови.
Поголемиот проблем за инвеститорите е што нафтениот шок доаѓа во момент кога централните банки сè уште се борат со инфлацијата. Европската централна банка во четврток треба да одлучува за каматите, а пазарите речиси целосно пресметуваат зголемување од 0,25 процентни поени. Во еврозоната инфлацијата во август достигна 3,3 проценти, при што енергетската инфлација скокна на 14,3 проценти.
Следната недела заседава и американската централна банка, а пазарите во моментов се речиси поделени околу тоа дали Федералните резерви ќе ја зголемат каматата за 0,25 процентни поени или ќе ја остават непроменета.
Тоа е механизмот преку кој барел од 100 долари може да удри многу подалеку од бензинските пумпи. Ако поскапувањето на енергијата ја задржи инфлацијата висока, централните банки ќе мора подолго да одржуваат високи камати или дополнително да ги зголемат. Поскапуваат станбените и потрошувачките кредити, но и задолжувањето на компаниите и државите. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници веќе се движи близу 4,8 проценти, околу највисоките нивоа од 2023 година. Повисоките приноси на обврзниците истовремено ја намалуваат атрактивноста на акциите, особено на компаниите чии берзански вреднувања зависат од очекуваната заработка далеку во иднината.
Вториот ризик е забавување на светската економија. ОЕЦД во основното сценарио очекува глобален раст од 2,8 проценти во 2026 година. Но, ако нарушувањата во снабдувањето со енергија од Персискиот Залив продолжат длабоко во 2027 година, моделот на организацијата покажува раст од само 2,1 проценти оваа година и 1,8 проценти следната, со повеќе економии на работ или во рецесија.
Во такво сценарио деловните инвестиции до втората половина на 2027 година би биле речиси 5 проценти пониски отколку во сценариото со краткотраен енергетски шок.
Најранливи се големите увозници на енергија – Европа, Јапонија, Кина, Индија и голем дел од земјите во развој. ММФ пресметува дека кај просечна земја-увозник на нафта од поширокиот регион на Блискиот Исток и Централна Азија, зголемување на просечната годишна цена на нафтата за 10 проценти може да го намали економскиот раст за околу 0,5 процентни поени и да ја зголеми инфлацијата за околу еден процентен поен. Земјите извознички можат да заработат повеќе од повисоката цена, но само доколку физички можат да ја испорачаат нафтата – услов што во сегашниот конфликт повеќе не може да се зема здраво за готово.
Затоа финансиските пазари сега внимателно ја следат бројката од 100 долари, но вистинската опасност не е нејзиното краткотрајно пробивање. „Брент“ веќе стигна до 105 долари на 23 јули, а потоа повторно се повлече. Многу поважно е дали нафтата ќе остане над или околу 100 долари со недели и месеци. Во таков случај енергетскиот шок постепено би се претворил во инфлациски и наматен шок, а потоа и во удар врз потрошувачката, инвестициите и глобалниот раст. Затоа барелот во следните недели може да стане еден од најважните показатели за насоката во која ќе се движи светската економија до крајот на 2026 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
