Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, го повикал рускиот претседател Владимир Путин да размисли за продолжување на мировните преговори за Украина и за нови предлози што би можеле да доведат до завршување на војната.
На нивната 9. средба, одржана во царска палата во Санкт Петербург, Путин понудил помош на Вашингтон околу Иран, повикувајќи се на долгогодишните односи на Москва со Техеран.
Виткоф, кој претходниот ден разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Осло, изразил надеж дека средбата со Путин ќе отвори простор за обновување на трилатералните разговори меѓу САД, Русија и Украина.
– Една работа што се надевам дека ќе ја постигнеме денеска е да водиме добар разговор за можно продолжување на трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД. Дури и ако денеска не дојдеме до решение, важно е самото тоа што ќе разговараме и ќе разгледаме кој би можел да биде следниот чекор. Светот чека да слушне за тоа – изјавил Виткоф.
Рускиот претседател, пак, понудил Москва да помогне во американските напори околу Иран. Како аргумент ги посочил повеќедецениските добри односи меѓу Русија и Техеран.
Путин изнел и неочекуван економски предлог. Тој му кажал на американскиот пратеник дека Русија би можела да испорачува големи количества ѓубриво во САД, со што би им помогнала на американските земјоделци.
Средбата се одржала во период кога Вашингтон се обидува да ги придвижи мировните преговори за Украина, додека истовремено е вклучен во воениот конфликт со Иран.
Последната рунда мировни разговори меѓу Москва и Киев, со американско посредство, се одржала во февруари, пред почетокот на војната на САД и Израел против Иран.
И покрај дипломатските напори, позициите на Русија и на Украина остануваат значително оддалечени.
Москва и натаму инсистира на своите главни воени цели, меѓу кои е и целосната контрола врз Донбас. Киев, од друга страна, не прифаќа мировно решение што би значело откажување од украински територии под руска окупација.
Трамп во последниот период го засили притисокот врз украинското раководство да постигне договор.
Американскиот претседател вчера изјавил дека е време Украина да ја заврши војната, предупредувајќи дека во спротивно ќе се соочи со нешто многу лошо.
Средбата меѓу Путин и Виткоф започнала и со конкретен гест од руската страна, ослободувањето на 74-годишниот американски државјанин Стивен Хабард.
Пензионираниот професор по англиски јазик бил приведен во Украина во 2022 година, а потоа во Русија бил осуден на затворска казна по обвинение дека се борел како платеник на украинската страна.
Хабард ги негирал обвиненијата, а неговото семејство тврдело дека тие се неосновани.
Путин на средбата со Виткоф соопштил дека Американецот веќе се наоѓа на аеродромот Пулково во Санкт Петербург, од каде што требало да замине дома.
Руските државни медиуми објавиле дека одлуката за неговото ослободување била донесена од хуманитарни причини.
Виткоф му се заблагодарил на Путин за ослободувањето на Хабард, нарекувајќи го „хуманитарец“.
– Често зборувате за тоа како мојот претседател, претседателот Трамп, е хуманитарец. А вие сте хуманитарец, господине. Сакам многу да ви се заблагодарам. Претседателот ви се заблагодарува, целата нација ви се заблагодарува за Стивен Хабард. Благодарение на вас, тој се враќа дома кај своето семејство – му рекол Виткоф на Путин.

Трамп го поздравил потегот на Путин и нагласил дека САД не морале да направат никаква отстапка за возврат.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут соушал“, американскиот претседател навел дека лично го замолил Путин да го ослободи Хабард за време на телефонски разговор претходната недела.
– Стивен се враќа дома и наскоро ќе биде со своето семејство. Соединетите Американски Држави, од големо почитување кон претседателот Путин, не мораа да дадат ништо за возврат, што е невидена ситуација кога станува збор за Русија – напишал Трамп.
Семејството на ослободениот Американец им се заблагодарило на Трамп и на неговиот тим за обновувањето на дијалогот со Москва.
– Нашето семејство може да потврди дека прекрасни благослови можат да се најдат на тешкиот пат кон мирот – соопштило семејството на Хабард.
Хабард со децении живеел надвор од САД, а во 2014 година се преселил во украинскиот град Изјум. Градот бил окупиран од руските сили во првите месеци од инвазијата во 2022 година.
Според руските обвинители, Хабард потпишал договор со украинската армија според кој требало да добива околу 1.000 долари месечно. Неговата сестра, Патриша Хабард Фокс, ги отфрлила обвинувањата како лажни.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
