Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа побара од Министерството за финансии да го запре производството на ковани центи. Трамп смета дека производството на ковани центи е прескапо, а целта на потегот е да се намали јавната потрошувачка.
– Предолго САД коваа монети и тоа е расипништво. Побарав од министерот за финансии да престане да произведува нови центи – напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут Соушл.
Милијардерот Илон Маск, кој ја предводи Комисијата за владина ефикасност (ДОГЕ), го покрена ова прашање во јануари, наведувајќи ги трошоците за производство на центи.
Дебатата за ова не е нова во САД, бидејќи неколку нацрт-закони веќе беа претставени во Конгресот, но не беа усвоени. Доколку Трамп го потпише указот, американскиот Конгрес најверојатно ќе треба да го одобри.
Намалувањето на владините трошења е приоритет за Трамп и за неговата администрација.
Канада престана да произведува центи во 2012 година, поради високите трошоци за производство.