Беспилотни летала, снајперисти, жичана ограда и 25.000 воен и полициски персонал ја обезбедуваат денешната инаугурација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Како што објави Скај њуз, инаугурацијата на Трамп е означена како „специјален настан за национална безбедност“, што овозможува дополнително финансирање и координација меѓу агенциите, вклучително и Тајната служба, државната безбедност, осигурувањето на Капитолот и полицијата во областа Колумбија.
Меѓу повеќе од 25.000 воени лица распоредени во Вашингтон се и членови на Националната гарда, а околу Белата куќа и Капитол има околу 42 километри жичана ограда.
Специјалниот агент задолжен за канцеларијата на Тајната служба во Вашингтон претходно им изјави на новинарите дека на терен се поставени тактички тимови, единици за антидронови, контролни пунктови и бетонски бариери и дека патиштата ќе бидат затворени поради инаугурацијата.
Тој рече дека вакви мерки се преземени и поради можноста за насилни протести против инаугурацијата на Трамп.
Во текот на изминатиот викенд, речиси 4.000 полицајци од други американски држави положија заклетва или привремено беа назначени да го одржуваат редот во Вашингтон.
Голема временска промена ги зафати САД. Во Вашингтон, прогнозираната висока температура денеска е -4°C, но со ветер кој ќе дува до 48 km/h чувството на температурата ќе биде поблиску до -13°C.
Се чини дека денешната инаугурација ќе биде најстудена од 1985 година, кога највисоката температура беше -8°C, а напладне беше -14°C.
Доналд Трамп по денешната инаугурацијата ќе потпише повеќе од 200 извршни мерки, вклучително извршни наредби, што се правно обврзувачки и други директиви, како прокламации, што не се правно обврзувачки.
Извршната наредба е писмена наредба издадена од претседателот до федералната влада за која не е потребно одобрение од Конгресот. Тоа е еден начин на кој претседателите можат да спроведат промени во политиките без да мораат законодавците да гласаат за нив.
Сепак, извршните наредби мора да бидат во согласност со законот и може да бидат предмет на правен преглед.
Трамп потпиша 220 извршни наредби за време на неговиот прв мандат, од кои некои беа оспорени пред судовите.
Бајден издаде 160 извршни наредби, додека Барак Обама и Џорџ Буш, кои служеа два последователни мандати, издадоа 277 и 291 наредба.