Том Круз (63) и Ана де Армас сѐ почесто се забележуваат заедно во јавноста, па веќе се чини дека воопшто не ја кријат својата врска. Последниот фотонапис на таблоидот „ТМЗ“ говори дека двојката е фотографирана при прошетка „рака за рака“ во американската сојузна држава Вермонт изминатиов викенд, што многумина го толкуваат како официјална потврда за нивната врска.
Де Армас и нејзиниот 26 години повозрасен колега заедно глумат во нивниот прв заеднички филмски проект – трилерот „Подлабоко“ (Deeper), во режија на Даг Лиман. Ана, според наводите, се подготвувала за улогата цело лето, а извори блиски до двојката велат дека имаат одлична хемија и оти Том е „вистинскиот ментор за неа“, како што пишува списанието „Пипл“ (People).
– Дефинитивно работиме… Не само на еден, туку на неколку проекти со Даг Лиман, Кристофер Мекквори и, секако – Том. И навистина сум возбудена – рече Ана во една прилика.
Гласините за нив почнаа во февруари, кога беа видени заедно на вечера во Лондон, Англија. Но, и потоа, тие беа сликани заедно уште неколкупати – на прошетка за роденденот на Ана, на роденденската забава на Дејвид Бекам, на јахта во Шпанија и неодамна на концерт на „Оејзис“ во Лондон.
Самите глумци сѐ уште не ја потврдиле врската. Нивниот филм „Подлабоко“ e сѐ уште вo претпродукција.