Во понеделник, 27 јули, на Градскиот плоштад во Охрид е закажана акција за бесплатно и анонимно тестирање за хепатитис Б, Ц и ХИВ, во организација на Здружението „Ретко е да си редок“ од Охрид, во партнерство со „ХЕПАР Центар Битола“ и со поддршка од Здружението на лекари од Охрид. Настанот е дел од одбележувањето на Светскиот ден за борба против хепатитис, а посетителите ќе можат бесплатно да направат преглед со FibroScan, како и брзи тестови за откривање на вирусен хепатитис и ХИВ.
Информацијата за настанот отвора неколку прашања на кои јавноста заслужува јасен одговор.
Прво, на кој начин конкретно ќе биде изведено самото тестирање на отворен јавен простор? Дали земањето примерок, било да е крв од прст или друг биолошки материјал, ќе го врши исклучиво лиценциран медицински персонал, присутен физички на лице место?
Второ, која здравствена установа или лабораторија формално стои зад анализата на примероците? Согласно Законот за здравствената заштита, ваков вид интервенција спаѓа во здравствена дејност, што бара јасна институционална поддршка, а не само присуство на здружение на граѓани.
Трето, како ќе биде обезбедена заштитата на личните и здравствените податоци на граѓаните кои ќе се тестираат јавно, на плоштад, каде анонимноста е потешко да се гарантира отколку во затворена ординација? Законот за заштита на лични податоци третира ваков вид информации како посебна категорија, што бара дополнителни мерки на заштита.
Четврто, кој е надлежен да врши надзор врз почитувањето на епидемиолошките протоколи при ракување со биолошки материјал на отворено, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести?
И конечно, доколку организаторите отстапат од предвидените законски протоколи, без разлика дали намерно или поради недостаток на инфраструктура на отворен простор, кој сноси одговорност, здружението, лекарите вклучени во акцијата, или локалната самоуправа која го отстапила просторот,доколку го остапила?
Граѓаните на Охрид заслужуваат да добијат бесплатен пристап до превентивни здравствени услуги, но исто така заслужуваат сигурност дека тие услуги се спроведуваат согласно сите законски стандарди за медицинска и епидемиолошка безбедност.
С.Денесовски
Tagged as:
Градски плоштад закон за здравствена заштита здравствени протоколи лични податоци охрид тестирање хепатитис ХИВ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
