Македонскиот државјанин Тарик Семси е избран за советник во Советот на Општина Венеција. Македонскиот генерален конзул во Венеција, Фросина Ременски, му го честиташе изборот посакувајќи му „успеси во работата и животот на младиот и надежен советник Тарик Семси“.
„Советот на Метрополата Венеција, официјално за првпат доби македонски државјанин за советник Тарик Семси. Тој беше еден од водечките млади луѓе кои се најдоа на советничката листа на актуелниот градоначалник на Венеција, Симоне Вентурини кој убедливо победи на локалните избори во Венеција во мај. Од денес Тарик започнува ново патување, ќе работи со посветеност, за доброто на нашата заедница“, напиша Ременски во објава на Фејсбук.
Положувајќи ја официјално обврската за совесна работа, Тарик вчера се заблагодарил на сите што верувале во него и му ја дале поддршката со збор, дело и глас, на градоначалникот Симоне Вентурини за неговата довербата и на неговиот татко Мунир Семси, кој секогаш го поддржувал, советувал и охрабрувал да го даде најдоброто од себе.
Тарик Семси (28) е првиот македонски државјанин и воопшто странец кој е избран за член на Советот на Општина Венеција. Тој потекнува од село Коџаџик, Општина Центар Жупа и припаѓа на турската етничка заедница. Тој е дипломиран архитект на престижниот универзитет во Венеција.
Тарик, кој живее во Италија, обезбеди место во 36-члениот општински совет на локалните избори во овој италијански град, како кандидат на независната листа на кандидатот за градоначалник, Симоне Вентурини, познат адвокат, поддржан од италијанската десница.
– Чест ми е што станав дел од Советот на општина Венеција. Посебно сум горд што јас сум прв државјанин на Македонија и воопшто странец, кој е дел од овој оштински орган. Максимално ќе се ангажирам да ја оправдам довербата и доследно да ја претставувам нашата многубројна заедница – рече за МИА Семси, кој вчера ја потпиша изјавата за советник, додавајќи дека денеска (вторник) ќе биде одржана првата седница на Советот.
Новоизбраниот градоначалник, Вентурини, вели дека е горд што едно вредно момче влегува во Советот, кој ќе му биде добар соработник и поткрепа во работата.
– Со неговата подготвеност верувам дека ќе придонесе многу за градот Венеција и секако за многубројната македонска заедница, за нашите драги пријатели и сограѓани по потекло од Македонија. Повеќе од убеден сум дека ќе биде одличен пример за идните генерации, затоа што тој е прекрасно, вредно и одговрно момче – рече за МИА, Вентурини.
Тарик, кој е оженет и татко на едно дете, е син на познатиот бизнисмен во Италија, Мунир Шемси, познат филантроп, кој со донации помага во Италија, а уште повеќе во матичната земја. Тој е претседател на италијанско – македонската стопанска комора „АПИ Нордес“.
Tagged as:
Тарик Семси од Коџаџик е прв странец во Советот на овој град
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
