Background

СВЕДОК РЕЧЕ ДЕКА ПОЛИЦАЕЦ ОДБИЛ ДА МУ ПОМОГНЕ НА ПОВРЕДЕН ВО „ПУЛС“

Сведок на рочиштето против 13 полицајци денеска сведочеше дека еден полицаец одбил да им помогне на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На денешното рочиште сведочеа тројца сведоци предложени од ОЈО ГОКК, сите преживеани од кобниот пожар од 16 март 2025 година во кој загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.

Прв беше сослушан студентот Николче Ефремов од Кочани.

- Advertisement -
Ad image

– Бев на кафе со другарите, па отидовме на забава во дискотеката „Пулс“. Бевме само тројца, застанавме на маса до бината. Нарачавме, отидоа другариве до тоалет, останав сам. Еден од пејачите кажа на микрофон дека избил пожар. Ги зедов дуксерите на другариве, ги ставив на глава, но не можеше да се излезе, имаше многу луѓе на вратата. Одеднаш нешто пукна и стана многу жешко. Сите испаничија, се туркаа еден врз друг. Секој со секого се влечеше, не можевме да излеземе надвор. Ми падна ѕид на главата. Се ослободив. Врз мене имаше луѓе. Ја испружив раката, некој ме извлече надвор – рече тој.

Надвор го најдов другарот Филип кому му беше повредено коленото, го однесов во болница и се вратив во дискотеката, продолжи сведокот.

– Имаше многу народ и лежеа, јас бев збунет и не знаев што да правам. Потоа дојдоа и пожарникари да гаснат. Јас и мојот другар Бојан Гигов влеговме во дискотеката во тоалетот, таму го извадивме другарот Давид Костов. Надвор пробавме да го качиме во автомобил. Имаше еден од полицајците, не знам кој, го прашав да ми помогне да го качиме. Тој ми рече дека тоа не е негова работа – рече сведокот.

Прашан дали го видел полицаецот внатре и дали бил во униформа, сведокот рече дека не се сеќава, но мисли дека бил во цивилка.

– Не го видов така. Кога влегов, моите другари ми рекоа дека има во цивилка, и го погледнав – изјави сведокот.

Прашан дали надвор забележал и други полициски службеници, сведокот рече дека имало да, „секаде и на кружниот тек подоле од Пулс“.

На прашање од одбраната дали го препознава во судницата полицаецот што одбил да му помогне надвор пред дискотеката, сведокот рече „не, не се сеќавам на ликот“.

Дел од одбраната реагираше на изјавата на овој сведок, посочувајќи дека имал конфузен исказ.

– Или има селективна меморија или е инструиран да говори само тоа што му оди во прилог на обвинителството – изјави еден од  адвокатите.

Вториот сведок, средношколка која била во дискотеката „Пулс“ во кобната ноќ, објасни што се случувало внатре.

– Влеговме со мојот дечко. На влез купивме карта, ја дадовме на обезбедувањето, ни ставија печат и продолживме внатре кон масата, која беше близу бината. Си земавме пијачки и се забавувавме, сè беше во најдобар ред. Имаше ди-џеј пред да настапи групата ДНК – рече таа.

Додека стоела кај масата не видела полициски службеници, но кога била до тоалет забележала полицаец на почетокот на ходникот до првата врата.

– Кога поминав покрај него, му ја видов само значката на униформата, лицето не му го видов. Кога се вратив на масата, од групата ДНК рекоа „ајде сега да ги поздравиме полицајците“. Само јас бев малолетна од друштвото на масата, мислам никој не ме забележа дека сум малолетна – сведочеше таа.

Вели дека не го забележала моментот кога се запалил плафонот.

– Мислам дека беше 2 и 30 часот. Откако се случи пожарот сè ми беше бело пред очи, сите почнаа да трчаат. На масата останавме само јас, Мартин и брат ми. Мартин ми рече ајде да излегуваме, ама јас не го сфатив сериозно, мислев ќе го изгаснат, а имаше и други што седеа и уште се забавуваа, па не брзав да излезам – појасни сведокот.

Кога тргнавме да излегуваме, толпата кај вратата викаше „отворете ја вратата да излеземе“, продолжи таа.

– Сите пискаа, јас мислам дека беше затворена, не видов. Сите стоевме и туркавме. Се онесвестив.. Мене ме извади пожарникар. Кога се освестив веќе дискотеката беше испразнета, видов пожарникар како го гаси пожарот. Мене само раката и рамото ми беа слободни, а цела бев заглавана од други лица и собрав сила и ја кренав раката. Пожарникарот ме извлече и ме изнесе надвор пред скалите, каде ми помогна едно дете и ме однесе на паркинг кај другите повредени – изјави сведокот.

Третиот сведок, студентка која, исто така била во „Пулс“ кобната ноќ рече дека ја спасиле пожарникари.

– Кога излегов надвор почнав да го барам татко ми и да викам. Викав силно и хистерично. Кога продолжив да викам, еден од униформираните лица ми рече ако продолжам да викам дека ќе бидам приведена – изјави таа.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката Пулс, на пауза на денешното рочиште, во изјава за медиуми реагираа дека денеска во судница имало исказ кој не смее да помине незабележано.

– Сведокот недвосмислено посочи дека полициски службеник во моментите кога луѓето се бореле за живот, одбил да помогне при внесување на повредено лице во автомобил, за да биде однесено во болница. ​Ако ова е потврдено преку доказна постапка, тогаш станува збор за постапување кое мора сериозно да се разгледа. Во тие моменти МВР немало време за изговори и префрлување одговорност. Имало повредени луѓе кои се бореле за живот – изјави Александар Наунов.

Адвокатот од одбраната, Александар Петрески, на паузата рече дека обвинението не држи место, не е соодветно подготвено и не нуди конкретни докази за одлучителните факти.

Според Петрески, во текот на целата судска постапка се покажало дека предлаганите сведоци од страна на обвинителството не се концизни ниту јасни во своите искази и не ги поткрепуваат наводите од обвинителниот акт. Тој, исто така, потенцираше дека обвинителството зазема контрадиктен став во текот на процесот.

– Значи, обвинителството во воведните зборови укажува дека не им се става на товар тоа дали полицајците помагале или не, а потоа упорно се поставуваат прашања и се наведува сведокот да каже дека полицијата била тотално незаинтересирана и не помагала. Значи, чисто да се создаде една слика дека обвинетите што денес се товарат се виновни за нивните постапки, а сè уште не разбравме за кои постапки конкретно ги товарат – изјави Петрески.

Судењето продолжува на 13 октомври, со сослушување сведоци.

Судскиот процес претходно денеска почна од почеток поради промена на составот на судечкиот совет. Како што информираше Судот, еден од поротниците информирал дека поради здравствени причини месец и повеќе нема да може да учествува на судењата, додека вториот најавил дека поради други ангажмани нема да учествува повеќе како поротник на судските процеси.

Судењето го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, додека застапник на обвинението е Спасенка Андонова.

Судот информираше дека се преземаат сите досега изведени материјални докази и сослушани сведоци и се продолжува со сослушување на сведоци на Обвинителството.

Обвинети се полицајците: Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

Тие се товарат дека не преземале мерки да спречат активирање на пиротехничка опрема на сцената каде настапувала музичката група ДНК во моментот кога ја вршеле контролата во дискотеката „Пулс“, чие палење не било пријавено во полициската станица Кочани.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation