Судијата е клучен во процесот на давање милост од државата

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека е потребен нов закон за помилување, во чиј фокус би биле луѓето затвореници. Таа смета дека актуелниот закон не е системски поставен.

Таа потврди дека била запозната со кривичните дела на неколкуте осудени лица кои се помилувани по повод новогодишните празници.

– Се разбира дека знам. Работата е во рацете на Комисијата за помилување. Претходно стигна предлог од Министерството за правда, се видов дури и со министерот за правда. Ми ги опишаа сите случаи. Да објаснам за јавноста – кога човек ќе чуе помилување, мисли дека некој е целосно ослободен. Овие помилувања главно се однесуваат на три месеци – рече Сиљановска Давкова на новинарско прашање по посетата на припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип.

Според неа, една од основните забелешки на нашиот систем на помилувања или на намалувања на казните е многу кусиот период, затоа што, како што посочи, правото на помилување или на милост е човечко право и се оценува социјализацијата или ресоцијализацијата откако ќе се најдете во затвор. Она што е најважно, вели таа, при помилувањето е – судот.

– Ниту Министерството за правда, ниту Комисијата за помилување можат или смеат да играат улога на истражни органи, да се јавуваат во АНБ или АР за да ги проверуваат луѓето. Тоа е работа на судот. Значи, судијата го креира профилот, досието што доаѓа кај нас. Само судот може да ги проверува фактите и доказите, не ние. За мене најважно е кој и како ја прави селекцијата во затворите кога или самите затвореници или нивните најблиски ќе побараат намалување на казната и кој го ниже досието. Ако внатре ги немате сите потребни елементи, тогаш ниту Министерството за правда, ниту ние може навистина да имаме вистинска претстава за луѓето. Затоа, велам дека во иднина дури и во рамки на Судскиот совет би можело да се разгледува начинот на кој што судиите ги креираат досиејата за луѓето, бидејќи од тоа зависи како ќе постапуваме ние – потенцира претседателката на државата.

Според претседателката, потребен е нов модерен закон за помилување во кој што суштината ќе бидат луѓето затвореници.

Во врска со тоа дали би требало да се предвиди поголем период од три месеци за помилување, таа додава дека тоа треба да го предложат овластените предлагачи на закони, но, додава, можеби е потребно да се преиспита и самата казнена политика.

– Ние не сме имале случај на помилување на луѓе кои биле доживотно осудени или на многу долги казни затвор. Прашањето во Советот на Европа е зошто некому на 70 години да не му овозможите да ја види светлината на денот и да си ги види своите. Сите тие прашања и многу други ќе дојдат на дневен ред и тоа ќе биде еден хуман пристап на една одговорна држава која води сметка за сите граѓани – вели Сиљановска Давкова.

Од Кабинетот на претседателката вчера информираа дека по повод новогодишните празници се помилувани 7 лица, од кои едно потполно, а 6 делумно. Шестемина осудени лица се помилувани во траење од три месеци, а едно лице три месеци и четири дена, што кај него доведува до потполно ослободување од извршување на казната затвор.

- Advertisement -
Ad image

Комисијата за помилување е дел од телата на претседателката, која по предлог на Министерството за правда одлучува кој од затворенците со правосилни пресуди ќе добие помилување.

Сите членови на првата Комисија за помилување што беше формирана од Сиљановска Давкова, поднесоа оставка од функцијата по критиките во јавноста за дел од имињата на листата за помилување кои беа објавени по повод празникот 23 Октомври. Новиот состав на Комисијата беше формиран на крајот на ноември, а го предводи д-р Милка Ристова.

Актуелниот Закон за помилување е нов. Донесен е во март 2024 година.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article