Бугарија повеќе нема да испорачува оружје на Украина, изјави новиот министер за одбрана Димитар Стојанов при претставувањето на приоритетите на неговиот кабинет.
Стојанов оцени дека конфликтот влегол во фаза на позициона војна и дека натамошното вооружување нема да донесе решение.
– Гледаме позициска војна и без оглед на тоа колку оружје е акумулирано, единственото нешто што се постигнува е загуба на човечки животи – изјави Стојанов.
Според бугарскиот министер, време е завојуваните страни да седнат на преговарачка маса и да работат на постигнување праведен мир.
Тој нагласи дека Европската Унија има исклучително важна улога во евентуалниот мировен процес.
– На Украина ѝ требаат повеќе луѓе, а не повеќе оружје. Има доволно оружје, па затоа не мислиме дека ќе обезбедиме повеќе оружје за украинската армија – рече Стојанов.



