Вашингтон не дава гаранции за вашиот пат кон Европската Унија, бидејќи ние не сме членка на Унијата, порача денеска во Скопје американската амбасадорка Анџела Агелер.
– Мислам дека за тоа се водат и се воделе разговори со високите претставници на ЕУ, но мило ми е што премиерот Христијан Мицкоски и членовите на неговиот кабинет се во Вашингтон. Фактот што тој е неколку пати таму откако ја презеде неговата позиција како премиер, исто како и многу други министри, само зборува за близината на нашите односи и на многу начини покажува дека ние како САД и Северна Македонија билатерално може да соработуваме. Очекувам таа соработка да биде зајакната – рече Агелер во одговор на новинарско прашање на настанот за примопредавање возило на Црвениот крст.
Прашана како ќе се одрази одлуката на претседателот Доналд Трамп за замрзнување на програмите на УСАИД рече дека сè уште не знае како тоа ќе влијае на идната американска поддршка на развојот на земјава.
– Ова е процес што е во тек и јас не знам како ќе се одрази на нашата идна поддршка на развојот. Сепак можам јавно и приватно да ѝкажам на Владата и на нашите партнери дека ние сме тука. САД не си одат и правиме фантастични партнерски настани каков што е денешниот, со примопредавањето на специјалното возило – рече Агелер.
Таа рече и дека САД внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петмина членови на Судскиот совет.
– Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот. Според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме – одговори кусо Агелер.
Во врска со случувањата во Судскиот совет, исто така, кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.
– Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем. Постојат законски процедури и тој процес е во тек. Одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува – рече американската амбасадорка.