Земјоделци, угостители, хотелиери, како и домаќинства ќе можат да вработуваат работници за извршување сезонски или повремени работи само ако овие лица ги пријават во Агенцијата за вработување и ги плаќаат даноците и придонесите поврзани со нивното вработување.
Како сезонски работници можат да работат студенти, пензионери, невработени лица, корисници на социјална и друг вид помош без да ги изгубат правата на стипендија, старосна и семејна пензија, како и надоместокот за невработеност и за социјална заштита.
Ова го предвидува Предлог законот за ангажирање лица, кој во Собранието го доставија група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Законот треба да придонесе за формализирање на непријавената работа и за унапредување на владеењето на правото.
Според овој предлог закон во земјоделството, шумарството, рибарството ќе можат да се ангажираат сезонски или привремени работници за: подготовка на земјиште, садење, сеење, жнеење, наводнување на земјиште, заштита на растенија, управување со земјоделски машини (трактор, комбајн и др.), обрежување, пресадување и проретчување, кастрење/стрижење, пасење, нега на стока и друг работи во сточарството, берење зрнести плодови, берење јаболчести плодови, берење јаткасти плодови, берење и наводнување градинарски култури, берење тутун и др. хортикултура, собирање диви плодови, калемење, сечење стебла, уништување штетници, чистење, лупење, сортирање, пакување, складирање, работи поврзани со одгледување, негување, грижа и користење на шумите.
Во секторот објекти за сместување и сервисни дејности за храна: шанкер/бармен, келнер, готвач, собар, мијач на садови, доставувач на храна, аниматор, хостеса.
Домаќинствата ќе можат да ангажираат сезонски работници за: чување деца, чување стари лица и чистење, работи поврзани со чистење за потребите на станбени згради – чистење, одржување и поправка.
Сезонскиот работник може да се ангажира непосредно од работодавачот или со посредување на Агенцијата за вработување од евиденцијата на невработени лица, но не и од приватна агенција за вработување.
Според Законот за сезонски работи и привремени работи можат да се вработат студенти, невработени и вработени лица, самовработено лице, корисник на семејна и старосна пензија, корисник на социјална со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон, како и лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос.
Домаќинството, угостителот или земјоделецот може да ангажира лица за вршење работа од сезонска или повремена природа најмногу до 120 дена во текот на календарската година при што се бројат само деновите кога има работно ангажирани лица.
Исто лице за сезонски работи може да се ангажира најмногу до 60 дена, додека за повремена работа може да се ангажира последователно или со прекин најмногу до 15 дена во еден месец или најмногу до 60 дена во календарската година.
Со законот се забранува ангажирање на лице кое е во работен однос кај тој работодавач за вршење дополнителна или друг вид работа од сезонска или повремена работа.
Еден сезонски работник може да биде ангажирано кај повеќе работодавачи при што неговото вкупното работно ангажирање не може да биде повеќе од 12 часови во текот на денот.
Работодавачот може истовремено да ангажира најмногу до 10 лица или најмногу до 10% од вкупниот број вработени лица кај истиот работодавач, но не може да ангажира лице кое било вработено кај него во претходната година. За ова е предвиден исклучок, ако претходно вработениот се пензионирал или добил семејна пензија.
Работниците кои се ангажирани како сезонски или привремено можат да работат најмногу 12 часа на ден, односно најмногу 48 часа неделно, со право на паузи, дневен и неделен одмор, согласно општите прописи од работните односи.
Работно ангажираното лице има право на паричен надоместок за работно ангажирање, кој му се исплаќа во паричен износ за секој час на работно ангажирање и кој не може да биде понизок од минималниот основен нето паричен износ по час согласно со овој закон.
Минималниот основен нето паричен износ по час не може да биде понизок од часот кој се пресметува врз основа на минималната плата која министерот за економија и труд, ја објавува во „Службен весник“ согласно со закон.
На паричниот надоместок работодавачот е должен да уплати данок на личен доход, придонес за пензиско и инвалидско осигурување и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување, како и придонес за осигурување во случај на невработеност.
Паричниот надоместок може да му се исплати на работно ангажираното лице на крајот од работниот ден или најдоцна во рок од пет дена по истекот на работниот ангажман и се исплаќа на трансакциска сметка на работно ангажираното лице.
Работниот однос на сезонски и привремено ангажираното лице може да престане ако престанала потребата за ваков вид работници, по барање на ангажираното лице, како и во случаи кога се повредени договорените обврски и поради неизвршување на работните обврски.
Доколку работното ангажирање престане работодавачот е должен на лицето за денот на откажувањето да му ги плати само данокот и придонесите.
Предвидени се и казни за непочитување на одредбите од овој закон.
Агенцијата за вработување ќе треба да воведе регистар за евиденција на работно ангажирање на сезонски и привремени вработувања, а Управата за јавни приходи ќе треба да направи надградба на системот за наплата на даноци и придонеси. И двете институции тоа ќе треба да го направат во рок од 6 месеци од денот на влегувањето во сила на законот.