Background

Следува ново поевтинување на горивата

Македонија е меѓу трите европски држави што презеле најобемни мерки за ублажување на ефектите од ценовните шокови, а од утре се очекува ново поевтинување на бензините и дизел-горивото за денар и половина, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Како што рече Мицкоски на прес-конференција, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд објавени на 15 април, државата се наоѓа на трето место во Европа според обемот на преземените мерки како процент од бруто-домашниот производ, насочени кон амортизирање на последиците од енергетската криза и покрај, како што наведе, тврдењата на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека мерките или доцнеле или не биле потребни.

– Она што е важно да се истакне е дека нашите политики не се изолирани, туку се во целосна линија со светските трендови. Според последните анализи на европско ниво, според ММФ, во Европа сме меѓу првите три држави кои промениле најмногу работи и примениле најмногу мерки за справување со ценовните шокови. И токму тоа може да го видиме овде на слајдот, инаку се сеќавате дека изминатиов период СДС и останатите коалициони партнери во поранешната влада како што е ДУИ велеа дека доцниме со мерките, дека тие мерки не биле доволни итн. Но, според податок објавен од ММФ на 15 април, а тоа е пред четири дена, можете да забележите дека ние како држава сме на третото место според мерките коишто сме ги примениле како процент од БДП во Европа. Лажеа за мигранти, лажеа дека ќе сме банкротирале, лажеа дека ќе нема за пензии, уште што ли сѐ не излажаа, па така излажаа и за мерките коишто ги применивме и подготвени ја пречекавме енергетската криза којашто, ќе повторам, не зависи од нас, туку зависи од геополитичките, светски случувања. Од слајдот можете да видите и дека практично како држава сме на третото место и тоа е нешто коешто во минатото за владата на СДСМ и ДУИ претставуваше нешто коешто е невозможно. Ефектите од овие политики денес се јасно видливи – рече Мицкоски.

- Advertisement -
Ad image

Премиерот истакна дека енергетската криза е предизвикана од глобалните геополитички случувања и дека не е резултат на домашните политики, додавајќи дека ефектите од владините мерки денес се јасно видливи, особено во услови на корекција на цените на светските берзи.

Тој истакна дека земјата се соочува со период на изразена глобална неизвесност и дека ценовните шокови на енергентите не се резултат на домашните политики, туку на геополитичките состојби, особено кризите на Блискиот Исток и турбуленциите на светските пазари. Во вакви услови, нагласи, обврска на Владата е навремено да реагира и да ги заштити граѓаните и економијата.

Мицкоски информира дека Регулаторната комисија за енергетика утре се очекува да донесе одлука со која цените на бензините и дизелот ќе се намалат за околу денар и половина. Во сила останува и мерката договорена со компанијата ОКТА, според која до крајот на април бензините ќе имаат попуст.

– Истовремено, во сила останува мерката што претходно ја договоривме со ОКТА, според која до крајот на април бензините ќе имаат попуст од два денари по литар, а дизел-горивото од три денари по литар. Со тоа, повторно може да се заклучи дека сме држава со најниски цени на горивата – истакна Мицкоски.

Според премиерот, со овие мерки Македонија е држава со убедливо најниски цени на горивата во регионот и меѓу најниските во Европа. Нагласи дека цената на бензинот од 95 октани во земјава се движи меѓу 1,27 и 1,31 евро за литар. За споредба, посочи дека во Грција и Албанија таа цена изнесува над два евра, додека повисоки цени има и во Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.

– Убедливо најевтини цени. И она коешто го слушам изминативе денови, а исто имав можност да слушам накратко едно интервју дадено од претходниот претседател на владата, господинот Ковачевски дека и тогаш кога била кризата во 2022 сме имале најниски цени во регионот што е лага, не е вистина. Не се такви цените тогаш во 2022 година и ќе ве потсетам тогаш инфлацијата беше со двоцифрен број проценти на месечно ниво, сега е 4,9 поради тоа што минатата година во истиот тој месец имавме мерки, така што основата со којашто се споредува е прилично ниска и тие мерки траеја и овој месец бидејќи минатата година Велигден беше на 21 април. Се сеќавате имавме рамазанска и велигденска кошница, така што очекувам веќе од мај работите да доаѓаат на нивото коешто ги очекуваме – нагласи тој.

Премиерот оцени дека ефектите од владините политики се веќе видливи и дека, покрај интервенциите кај ДДВ и акцизите, Владата има долгорочен, холистички пристап за стабилизирање на економијата.

– Сакам да потенцирам дека ова не е краткорочна политика, туку дел дел од поширок, би рекол холистички пристап на Владата за стабилизирање на економијата во услови на криза. Паралелно со овие мерки работиме и на зајакнување на домашната економија, зголемување на конкурентноста и создавање услови за долгорочен раст. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и да реагираме. Нашиот пристап останува ист, без еуфорија, но со јасна стратегија, факти и резултати. Нашата обврска е една да обезбедиме стабилност, сигурност и подобар животен стандард за граѓаните – порача Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање, премиерот појасни дека одлуката за измените кај акцизите и данокот на додадена вредност е донесена по истекот на првиот пакет мерки, кој важеше во првите два месеца од енергетската криза.

Вчера завршил првиот, интервентен бран на мерки, со кои беа намалени акцизите и ДДВ за горивата. Во тој контекст, кај дизел-горивото ДДВ повторно е вратен на 18 проценти, наместо претходните 10 проценти, бидејќи во изминатиот период дизелот бележел поголем ценовен раст во однос на бензините.

– Кај данокот на додадена вредност кај дизелот, го имплементиравме ДДВ-то да биде 18 проценти, да не биде 10, завршува периодот на таа мерка. Со оглед на движењето на цената на дизел горивата заклучивме дека со враќањето на данокот 18 отсто, повторно ќе имаме намалување на цената на дизел горивото, имајќи го предвид просекот од минатата недела – појасни Мицкоски.

Кај бензините, пак, Владата одлучила да го задржи намалениот ДДВ од 10 проценти и во текот на оваа и наредните две недели, со цел да се спречи дополнително поскапување и да се задржат стабилни цените на овој енергент.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation