Инцидентот во охридското казино добива нова димензија откако редакцијата на Охридски го контактираше едно од тешко повредените лица, кое тврди дека четворица напаѓачи, наводно боксери од Пробиштип, го тепале со тупаници и со стол, а потоа биле пуштени на слобода со упатство да се тужи приватно.
Пред три дена, во Казино Моцарт во Охрид, лоцирано на улица Димитар Влахов во централното градско подрачје, се случи насилен инцидент кој остави повеќе лица повредени. Редакцијата на Охридскај дојде до дополнителни детали откако го контактираше едно од тешко повредените лица, означено со иницијалите Г.М.
Според неговото сведоштво, инцидентот се случил околу шест часот наутро, кога во казиното влегле четири лица во видно алкохолизирана состојба. Двајца од нив седнале до Г.М., додека другите двајца застанале од другата страна. Прво следеле провокации и упатување на навредливи зборови кон него. Кога Г.М. им рекол дека нема потреба да навредуваат и да го остават на мира, двајцата веднаш почнале да го удираат со тупаници по главата, додека другите двајца го нападнале неговиот другар со тупаници и со стол од казиното.
Повреди кои бараат итна медицинска интервенција
Според изјавата на оштетениот, тој се здобил со тешки телесни повреди, скршеница на носот, скршеница на јаболчницата на образот и повреда на веѓата, додека неговиот другар претрпел скршеница на главата. Според сознанијата на редакцијата, сите четири лица за кои се сомничи дека го предизвикале инцидентот се од Пробиштип и се занимаваат со бокс.
И покрај тежината на повредите, наводните сторители биле пуштени на слобода, а на оштетените лица им било укажано дека треба да поднесат приватна тужба. Токму ова прашање останува централно, и бара итен одговор од надлежните.
По кој основ тешки телесни повреди се гонат приватно,ОЈО да даде одговор
Редакцијата поставува прашање до Основното јавно обвинителство и до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, по кој правен основ случај со тешки телесни повреди и нарушување на јавниот ред и мир се третира како дело што се гони по приватна тужба, а не по службена должност. Граѓаните имаат право да добијат јасен одговор зошто лица осомничени за нанесување скршеници на нос, на образ и на глава не се задржани, туку веднаш се пуштаат на слобода.
Одговорност и за казиното
Според сознанијата на редакцијата, покрај тужбата против директните сторители, оштетените лица подготвуваат и тужба против компанијата Моцарт, која управува со казиното во Охрид. Основата на овој чекор е тврдењето дека приредувачот на игри на среќа е должен да обезбеди соодветно физичко обезбедување во просториите каде што се играат игри на среќа, а не да се потпира на вработени келнерки и касиерки да ја вршат таа функција. Доколку навистина се покаже дека во моментот на инцидентот во казиното немало обучено обезбедување, тоа отвора прашање за одговорност на друштвото за пропуштена обврска да обезбеди безбедна средина за своите гости.
Случајот останува во надлежност на полицијата и обвинителството, а редакцијата на Охридскај ќе продолжи да ја следи постапката и ќе информира штом добие официјален одговор од надлежните институции.
С.Денесовски
Tagged as:
безбедност Казино Моцарт Обвинителство охрид приватна тужба Пробиштип тепачка тешки телесни повреди
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
