Младите во три европски држави се подготвуваат за масовни протести поради високите трошоци за живот, социјалните неправди и незадоволството од образовниот систем. Франција, Холандија и Германија се во зголемена безбедносна готовност, а властите стравуваат дека демонстрациите би можеле да прераснат во насилни немири.
Во Франција, Холандија и Германија за денеска се најавени протести на припадниците на генерацијата „З“, поради што полицијата во повеќе градови ги засили безбедносните мерки. Особено сериозни се подготовките во Франција, каде што за обезбедување на протестите се ангажирани околу 70.000 полицајци и жандарми.
Средношколци и студенти во Франција се повикани денеска да им се приклучат на синдикатите и движењето „Жолти елеци“ во нов ден на мобилизација против високите трошоци за живот.
Синдикатот „CGT“ и движењето „Жолти елеци“ побарале протестната поворка да се движи од плоштадот Бастилја до Плоштадот на нацијата во Париз. Полицијата првично ја забранила оваа маршрута, по што демонстрантите поднеле жалба до Управниот суд. Судот ја одобрил трасата, но полициските власти се жалеле до Државниот совет, кој ја поништил одлуката.
Според „Le Figaro“, конечната одобрена маршрута е од Порт де Бањоле до Порт де Шарантон, на периферијата на француската престолнина.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез соопшти дека за денот со висок безбедносен ризик се мобилизирани околу 70.000 полицајци и жандарми. Во Париз се затворени повеќе од 40 метро-станици, а полицискиот час е на сила во текот на целиот викенд.
Париската полиција очекува меѓу 100.000 и 150.000 демонстранти и предупредува на можни немири. Во безбедносните процени се споменува и ризик од присуство на 300 до 600 активисти на крајната левица, како и од вклучување групи млади од работничките населби во предградијата.
Властите стравуваат и од блокирање на париската обиколница, упади во сообраќајни објекти и напади врз одредени државни институции.
И холандските власти се подготвуваат за можни протести и немири. Министерот за внатрешни работи Питер Херма предупреди на алармантни информации што кружат во медиумите и на социјалните мрежи за можни планови на младите за насилни демонстрации во повеќе градови во текот на викендот.
Според холандските медиуми, во групи за разговор наменети за генерацијата „З“ се шират повици за јавни нереди и вандализам.
Херма ги повика младите да го искористат правото на протест, но да не дозволат да бидат вовлечени во насилство.
– Протестирањето е дозволено во оваа земја и тоа е големо достигнување. Но, однесувајте се соодветно и внимавајте да не бидете вовлечени во немири – порача тој.
Холандскиот премиер Роб Јетен изјави дека очекува градоначалниците и полицијата темелно да се подготват за викендот да помине мирно.
Можни демонстрации се најавени во Хаг и Мастрихт, а полицијата во провинцијата Лимбург соопшти дека ги следи пораките што се објавуваат на социјалните мрежи. Националниот студентски сојуз ги повика студентите да не учествуваат во евентуалните немири.
Во Германија се најавени демонстрации на генерацијата „З“ против, како што наведуваат организаторите, уништениот образовен систем, растечките трошоци за живот и социјалните неправди.
Протести се најавени во Берлин, Хамбург, Франкфурт на Мајна, Минхен и Келн. Поради стравувањата дека демонстрациите би можеле да ескалираат, најавено е распоредување илјадници полицајци.
Во повеќе германски градови излозите на продавниците веќе се заштитени со дрвени плочи. Дел од продавниците, луксузните бутици и златарниците најавиле дека нема да ги отворат своите објекти, стравувајќи од насилство и грабежи слични на оние за време на протестите во Франција.
Германската полиција засега нема конкретни докази дека протестите ќе прераснат во насилство, но сериозно ги сфаќа заканите што се шират на интернет. Особена загриженост предизвикуваат списоците со продавници и брендови што би можеле да бидат цел на грабежи.
Претседателот на Германскиот полициски синдикат, Хајко Тегац, предупреди дека постои реален ризик насилни лица и екстремистички групи намерно да се инфилтрираат меѓу демонстрантите.
Тој посочи дека посебна опасност претставуваат вечерните часови, особено поради тоа што протестите се одржуваат на Ноќта на вештерките, кога учесниците би можеле да го искористат маскирањето за да го прикријат својот идентитет.
Сепак, најголемиот германски осигурител за компании, „Allianz“, очекува демонстрациите главно да поминат мирно.
Tagged as:
Германија и Холандија Скапотијата ги обедини младите во Франција
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
