Background

Сикорски директно до Лавров: Пренеси му на Путин дека е доста!

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски остро му одговори на рускиот колега Сергеј Лавров за време на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, отфрлајќи ги тврдењата на Москва за Украина и предупредувајќи дека руските закани се шират и надвор од украинското бојно поле. На крајот од својот говор, Шикорски директно му се обрати на Лавров и му порача да му пренесе на Владимир Путин: „Доста е“.

Сикорски одговори на тврдењата на Лавров откако рускиот министер ги опиша настаните од 2014 година, кога од власт беше отстранет украинскиот претседател Виктор Јанукович, како „крвав државен удар“.

– Господине претседавач, дозволете ми уште неколку реченици бидејќи министерот за надворешни работи на Руската Федерација ме прозва, па сметам дека морам да одговорам. Прво, тој настаните од 2014 година во Киев ги нарекува крвав државен удар. Јас бев таму со министрите за надворешни работи на Германија и Франција. Немаше никаков пуч. Демократски избраниот украински парламент изгласа смена на претседателот Јанукович, а за тоа гласаше и неговата Партија на регионите – рече Сикорски.

- Advertisement -
Ad image

Тој додаде дека парламентот го сторил тоа затоа што, како што наведе, Јанукович бил одговорен за масакрот во кој биле убиени 100 или повеќе украински цивили.

„Рускиот јазик масовно се користи“

Полскиот министер ја отфрли и изјавата на Лавров дека рускиот јазик е забранет во Украина.

– Господинот Лавров, исто така, тврди – цитирам од транскриптот – дека на територијата на Украина рускиот јазик е целосно забранет во сите сфери. Јас бев во Киев пред десет дена, додека паѓаа руските бомби, и можам да го уверам дека таму рускиот јазик и тоа како се зборува – рече тој.

Сикорски оцени дека ескалацијата од Москва не покажува руска сила, туку, според него, е одраз на сè поголемиот притисок врз Кремљ по повеќе од четири години целосна инвазија врз Украина.

– Русија ескалира затоа што нејзиното раководство е во паника. По повеќе од четири години бесмислена колонијална војна, Владимир Путин не постигна ништо. Му недостигаат војници и ресурси, па му треба изговор за мобилизација. Во неговата непотребна војна загинале или биле ранети милион и пол Руси. Милиони Украинци и други Европејци се изложени на сè поголема опасност – рече Сикорски.

Сикорски предупреди дека опасноста не ја засега само Украина. Тој посочи на напади во близина на границите на НАТО, нарушувања на воздушниот простор, саботажи и тајни операции кои ги поврза со Русија во различни делови на Европа.

– Русија сега ја применува истата тактика и во Европа. Руски дрон на млазен погон на 13 септември погоди украински воз на само два километри од граничниот премин со Полска. Нов напад следуваше на 17 септември. Дронови и ракети ги нападнаа и граничните премини со Молдавија и Романија. Русија постави вооружен дрон на аеродромот во Лајпциг, Германија – рече полскиот министер.

Тој додаде дека руски дронови и авиони, меѓу другото, го нарушиле воздушниот простор на Литванија, Естонија, Норвешка и Финска.

 

Според Сикорски, руски платеници и оперативци, исто така, се поврзуваат со убиства во Шпанија, Велика Британија, Полска и Германија.

Полскиот министер потоа се осврна на кривична постапка во САД во која, како што наведе, е опфатена руска разузнавачка мрежа, предупредувајќи дека тајните операции на Москва ги надминуваат границите на Европа.

– Канцеларијата на американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк на 15 септември поднесе обвинение против членови на руска разузнавачка мрежа за, цитирам, заговор за финансирање тероризам и извршување платени убиства во Соединетите Американски Држави – рече Сикорски.

Тој ги наведе сајбер-нападите, саботажите, тајните операции и воениот притисок како дел од поширок образец.

– Тоа не се изолирани инциденти. Тоа е образец на однесување – рече тој.

Сикорски потоа директно им се обрати на руските претставници, споредувајќи ги руските воени амбиции со економската моќ на земјите што ја поддржуваат Украина.

– На претставниците на Руската Федерација им го порачувам следново: се обидувате да го освоите Донбас повеќе од 12 години, а Киев повеќе од четири. Ве запре херојска Украина, земја со БДП десетпати помал од рускиот. Полска има БДП што е речиси половина од вашиот. Европа има десетпати поголем БДП од вашиот. НАТО има 25 пати поголем БДП од вашиот. Можете да убиете уште многу луѓе, но не можете да победите – рече полскиот министер.

Тој ги повика руските власти да ја прекинат војната.

– Оваа империјална војна, која самите ја избравте, можете да ја прекинете во секој момент. Не ја загрозувајте повеќе Европа и светот. Престанете да ја уништувате иднината на Русија – порача Сикорски.

„Сергеј, знам дека слушаш“

Говорот Сикорски го заврши со директна порака до Сергеј Лавров, иако рускиот министер претходно ја напуштил салата.

– Сергеј, знам дека слушаш. Кажи му на шефот: доста е – порача Сикорски.

Неговото обраќање до Лавров беше дел од седницата на Советот за безбедност на ОН посветена на одржувањето на мирот и безбедноста во Украина.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation