Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети дека на 26 март 2024 година ја убиле двегодишната Данка Илиќ во Бањско Поле, а потоа го сокриле нејзиното тело на непозната локација, поради што тоа до денес не е пронајдено, денеска пред Вишиот суд во Неготин ја негираа вината. Изнесувањето на нивните одбрани траеше речиси четири часа.
Обвинетиот Дејан Драгијевиќ на денешното рочиште изјави дека го разбира обвинението, но не признава дека го сторил кривичното дело. Второобвинетиот Срѓан Јанковиќ рече дека не ја признава вината бидејќи воопшто не го ни видел детето.
Од обвинителната клупа двајцата изјавија дека пред полицијата, пред две и пол години, го признале злосторството затоа што повеќе не можеле да ги издржат тепањата.
– Ме тепаа со стап, ми ставаа кеса на главата, ме удираа со прачка по стапалата, ми удираа шлаканици… Бев преплашен, цел бев помодрен. Ми се закануваа дека ќе ме убијат ако не признаам, а јас немав што да признавам – рече Драгијевиќ, изнесувајќи ја својата одбрана пред судот.
И Срѓан Јанковиќ од судската говорница зборуваше за тортура во полициската станица. Тој тврдеше дека поради тепањето и стравот за сопствениот живот, но и за животот на семејството, бил принуден да признае злосторство што, како што денеска тврдеше пред судот, не го сторил.
– Ми рекоа дека јас сум го удрил девојчето со автомобил и дека сум го убил. Им велев дека не сум, а тие ми рекоа дека ако не признаам, ќе ми ги убијат синот, четиригодишната внука и мене! Тоа ми е најголемата болка – рече Јанковиќ.
Тој додаде дека бил тепан во полициската станица во Бор и дека грбот му бил црн како земја, а имал и скршени ребра.
– Потоа почнаа да ме мачат, да ме дават. Ме давеа и во кофа со вода, останував без воздух. Двајца потоа ме влечеа по подот бидејќи не можев да одам. Ми истурија и шише вода во устата за да ме удават. Тоа траеше околу еден час, додека не паднав во несвест – рече Јанковиќ, изнесувајќи ја својата одбрана.
И обвинетите и родителите на Данка Илиќ, кои во постапката имаат статус на оштетени, побараа јавноста да биде исклучена од судењето. Вишиот суд во Неготин веднаш го разгледа предлогот и го одби.
– Основно начело на главниот претрес и на судската постапка е јавноста. Судскиот совет оцени дека предлозите на оштетените и на обвинетите не се доволна причина за исклучување на јавноста. Судот ќе води сметка за заштита на приватноста на обвинетите и на оштетените во текот на главниот претрес. Против ова решение не е дозволена жалба – истакна судијката.
Данка Илиќ (2) исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, каде што тој ден ја донела нејзината мајка Ивана Илиќ. Според обвинението, мајката за кратко време го изгубила детето од вид додека му давала вода на другото дете.

„Детето само излегло од дворот на асфалтниот пат, каде што Срѓан Јанковиќ го удрил со службениот автомобил „фијат панда“, бидејќи работел во Јавното комунално претпријатие „Водовод“. Јанковиќ го запрел возилото, а Дејан Драгијевиќ, кој бил на совозачкото место, излегол од автомобилот, го внел детето внатре, го ставил на задниот дел од возилото и го задавил со рацете. Потоа се упатиле кон депонијата на Стариот бањски пат, каде што го фрлиле телото, а два дена подоцна го преместиле на непозната локација“, се наведува во обвинението против двајцата обвинети.
Драгијевиќ и Јанковиќ по апсењето на 4 април 2024 година го признале злосторството во полиција, но подоцна пред обвинителството негирале сè, тврдејќи дека биле изложени на полициска тортура.
Во меѓувреме, по налог на Вишото јавно обвинителство во Ниш, уапсени се седум полицајци под сомнение дека тешко ги повредиле, малтретирале и мачеле Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, кои биле во притвор во Полициската управа во Бор во рамките на истрагата за убиството на малата Данка Илиќ.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
