Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во четвртокот ја поздрави одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги паузира „реципрочните“ царини на 90 дена, нагласувајќи дека ЕУ останува посветена на конструктивни преговори со Соединетите држави, со цел да се постигне непречена и заемно корисна трговија.
„Ја поздравувам најавата на претседателот Трамп за паузирање на реципрочните царини. Ова е важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“, рече фон дер Лајен во изјавата објавена од Комисијата.
Претседателката на Комисијата ја повторува подготвеноста за преговори и нулта царинска стапка меѓу ЕУ и САД.
„Тарифите се даноци кои само им штетат на бизнисите и на потрошувачите. Затоа јас постојано се залагав за договор со нулта тарифа меѓу Европската Унија и Соединетите Држави“, вели Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ЕУ ќе продолжи да се труди да ги диверзифицира своите трговски партнерства со земјите кои сочинуваат 87 отсто од глобалната трговија и кои ја делат истата посветеност на слободна и отворена размена на стоки, услуги и идеи.
Таа најави дека Комисијата ќе ги засили напорите за отстранување на пречките на единствениот пазар. „Оваа криза јасно стави едно нешто: во време на неизвесност, единствениот пазар е нашето сидро на стабилност и издржливост“.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека ќе ги паузира реципрочните царини на 90 дена и дека царините за увоз од Кина дополнително ќе бидат зголемени.
Ненадејната промена дојде помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји, трговски партнери на Соединетите држави.
Според економските аналитичари во САД, Трамп направи пресврт откако пазарот на обврзници беше разнишан. Приносите на 30-годишните и 10-годишните државни трезори на САД се зголемија, доведувајќи ја во прашање одржливоста на долгот на САД.