Извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, ги демантираше тврдењата дека се залага луѓето да ѝ ја препуштат својата слободна волја на вештачката интелигенција. Тој ги нарече апсурдни ваквите толкувања на неговите ставови. Реакцијата следува по написот на американскиот портал „Аксиос“ за поделбите меѓу технолошките лидери во Силиконската долина.
„Не, не верувам дека треба да ѝ ја препуштиме човечката слободна волја на вештачката интелигенција. Апсурдно е да се тврди дека го поддржувам тоа“, напиша Амодеи на социјалната мрежа Икс.
Тој смета дека со вештачката интелигенција треба да се управува преку легитимни демократски процеси.
„Никогаш не треба да ги жртвуваме легитимитетот и самоопределувањето во името на ефикасноста или безбедноста“, додаде шефот на „Антропик“.
Амодеи ги обвини дел од раководителите на конкурентските компании дека се кријат зад празни слогани. Според него, сите развиваат модели способни за сè поголема автоматизација.
Раководителот на одделот за вештачка интелигенција во „Мета“, Александер Ванг, неделава се спротивстави на идејата машините да ја преземат контролата врз општеството.
Извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, претходно месецов употреби пример со откривањето лек против рак. Според него, тоа би било ужасна зделка доколку човештвото за возврат ја изгуби моќта да одлучува и да гласа.
Амодеи во февруари за „Њујорк тајмс“ изјави дека во ситуации во кои се загрозени човечки животи би било пожелно одлучувањето да ѝ се препушти на вештачката интелигенција.
Шефот на „Антропик“ призна дека можеби ќе бидат потребни ограничувања за рекурзивното самоподобрување. Станува збор за процес во кој моделите учествуваат во создавањето свои помоќни верзии.
Според Амодеи, компанијата не очекува дека би било безбедно „Клод“ целосно самостојно да развива понапредни модели.
Во документацијата за излегувањето на берзата, „Антропик“ наведува дека секоја нова верзија на „Клод“ го забрзува развојот на следната. До септември моделот напишал повеќе од 90% од програмскиот код на компанијата.
На објавата на Амодеи реагираше и милијардерот Илон Маск. Тој претходно предвидуваше дека суперинтелигентните машини ќе се однесуваат кон луѓето како кон домашни миленици, поточно како кон лабрадори.
Овојпат Маск напиша само еден збор: „Интересно“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
