Група од 11 западни земји денеска објавија заедничко соопштение во кое остро ја обвинуваат Русија, односно нејзините воени разузнавачки хакери, за спроведување координирани кибер-напади врз одбранбени, транспортни и технолошки компании кои обезбедуваат поддршка за Украина.
Според обвинувањата, руската хакерска група позната како „Unit 26165“, а во кибер светот препознатлива и како „Fancy Bear“, води кампања на сајбер-напади веќе повеќе од две години. Земјите потписнички тврдат дека оваа група користи разни тактики, вклучително и испраќање на целни „фишинг“ е-пораки и злоупотреба на украдени лозинки.
Соопштението е потпишано од САД, Велика Британија, Германија, Чешка, Полска, Австралија, Канада, Данска, Естонија, Франција и Холандија. Тие посочуваат дека мета на нападите се владини институции и приватни компании од сектори како што се одбраната, транспортот, поморството и информатичката технологија.
Како посебно ранливи држави се наведуваат Чешка, Франција, Германија, Грција, Италија, Молдавија, Холандија, Полска, Романија, Словачка, Бугарија, Украина и САД.
Ова е најновиот чекор на западните сојузници во обидот да се подигне свеста за заканата од руските кибер-операции и да се мобилизира меѓународна поддршка за заштита на критичната инфраструктура во услови на воена поддршка за Украина.