Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека не може „ниту да потврди ниту да демантира“ дали имало телефонски разговор помеѓу претседтелите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.
Американскиот претседател во интервју за Њујорк пост изјави дека телефонски разговарал со Путин за завршување на војната во Украина.
Трамп, запрашан колку пати разговарал со Путин, истакна дека е „подобро да не кажува“.
– Тој (Путин) сака да види дека луѓето ќе престанат да умираат – посочи Трамп.
Трамп за Њујорк пост истакна дека „отсекогаш имал добри односи со Путин“ и дека има конкретен план за ставање крај на војната, но, не откри повеќе детали.
– Се надевам дека ќе биде брзо. Луѓето умираат секој ден. Оваа војна е толку лоша за Украина. Сакам да заврши оваа проклета работа – истакна Трамп.
Минатиот месец портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Путин е подготвен телефонски да разговара со претседателот на САД.
Трамп најави и средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.