Русија ќе ги удвои напорите за уништување на сите ресурси што Западот ѝ ги обезбедува на Украина за поддршка на нејзината воена машина, а истовремено ја исклучува можноста за итен прекин на огнот – изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за државната телевизија.
– Ќе користиме поостри методи за да уништиме сè што ја поттикнува воената машина на Киев од страна на Западот. И веќе го правиме тоа. Тие веќе стенкаат – рече Лавров, нагласувајќи дека војната треба да запре само доколку се најде долгорочно, сигурно и трајно решение за конфликтот.
Според него, замрзнување на конфликтот долж сегашната линија е невозможно бидејќи тоа, како што рече, би го „поништило подвигот на дедовците и прадедовците“ кои го победиле нацизмот.
– Такво нешто не може да се разгледува… Станува збор за нашата одговорност пред илјадагодишната историја на руската држава – додаде тој.
Во однос на дипломатските контакти со Вашингтон, Лавров истакна дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ги прими американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
– Штом им се укажува толкава доверба, тие имаат влијание врз американскиот претседател Доналд Трамп, тој им верува. Не одбиваме да разговараме со нив. Ако пристигнат, нека знаат дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен повторно да ги прими. Одделно прашање е со какви предлози ќе пристигнат – истакна Лавров, пренесува ТАСС.
Шефот на руската дипломатија посочи дека Москва испратила барање за коментар до американскиот Стејт департмент во врска со разузнавачките податоци и се подлабоката вклученост на САД во организирањето и изведувањето напади врз цивилни објекти длабоко на руска територија, додавајќи дека Москва очекува одговор, но нема да поставува ултиматуми. Тој обвини и дека киевските власти „гордо се фалат“ на социјалните мрежи по секој нападнат цивилен објект, како плажи и студентски домови.
Лавров го критикуваше и молкот на меѓународната заедница по украинските напади врз Каспискиот нафтоводен конзорциум (КТК). Според неговите зборови, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и турските власти зад кулисите му испратиле предупредувачки сигнали на украинскиот претседател Володимир Зеленски да не ги напаѓа тие капацитети, по што Зеленски ветил прекин на нападите врз бродови што немаат врска со Русија.
– Јавно, сепак, сите молчат. И тоа нешто кажува – забележа Лавров.
Говорејќи за Анкара, тој додаде дека Турција сака да одржува добри односи со Русија за зачувување на стабилноста на Црното Море и реализација на економските проекти, иако во исто време сака да го зачува статусот на земја членка со најголема армија во НАТО и односите со ЕУ, свесна дека никогаш нема да биде примена во Унијата.
Шефот на руската дипломатија упати и остри критики до Европската Унија и Германија. Тој изјави дека ЕУ се однесува како „Четвртиот рајх“ и врши „бескрупулозен и дрзок притисок“ врз српскиот претседател Александар Вучиќ да воведе санкции кон Русија користејќи го евроинтегративниот процес, но дека Вучиќ храбро му се спротивставува на тој притисок со години.
За Германија, Лавров оцени дека „метастазите на нацизмот“ си го пробиваат патот под раководство на канцеларот Фридрих Мерц, критикувајќи ги неговите најави за повторно претворање на Германија во најголема воена сила во Европа.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
