Русија има докази дека се одржал „состанок“ на украинските воени лидери со нивните западни колеги во објектот во Суми што беше погоден од руски ракетен напад, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во интервју за „Комерсант“, Лавров рече дека Русија „има информации за тоа кој бил во објектот што беше погоден во Суми“, пренесе ТАСС.
– Имаше уште една „средба“ на украинските воени лидери со нивните западни колеги, кои се маскираа во платеници или не знам кои. Таму се наоѓаат војници на НАТО и тие директно раководеа – рече Лавров.
Рускиот министер изјави дека „тоа го знаат сите“.
Како што соопшти претходно денеска украинската регионална воена управа во градот Суми, бројот на убиени Украинци во вчерашниот руски напад врз тој град се искачи на 34, а меѓу жртвите има и две деца, додека 120 лица се ранети, меѓу кои 15 деца.