Првите излезни анкети што ги објави приштинската телевизија Клан Косова, спроведени од „Ипсос“, покажуваат дека на парламентарните избори во Косово најмногу гласови добило Движењето Самоопределување (ВВ) на Албин Курти – 38,2% или 43 пратенички места.
Следува Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, со 22,4% или 25 пратенички места и Демократската лига на Косово (ЛДК) на Лумир Абдиџику со 20,1% или 23 пратенички места.
Изборниот праг од 5% го помина и Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај во коалиција со Социјалдемократската иницијатива со 7,6% или 9 пратенички места.
Претставниците на српските и на другите малцински заедници, исто така, ќе добијат по 10 места, вкупно 20 во 120-члениот косовски парламент.
Анкетата ја спровеле повеќе од 100 анкетари во 400 гласачки центри, на примерок од 8.000 лица.
Слични резултати дадоа и анкетите спроведени од Газета експрес, ТВ7 и РТВ Дукаѓини.
Претходно, проекција за изборите објави и Коха, според која ВВ ќе освои 42,3%, ПДК 21,3%, ЛДК 20,4%, а ААК 6,3% од гласовите.
На денешните први редовни, а вкупно девети парламентарни избори во Косово од прогласувањето на независноста, се гласаше на 2.533 гласачки места, а право глас имаа 1.970.944 лица во самото Косово и 104.924 во дијаспората. Косовските граѓани во странство гласаа вчера во 30 дипломатски претставништва, лоцирани во 19 различни земји.
Централната изборна комисија соопшти дека по обработени 90% од гласачките ливчиња, одѕивот е околу 40%.
На изборите учествуваат 28 политички субјекти, од кои 20 политички партии, 5 коалиции, 2 граѓански иницијативи и еден независен кандидат.